Оркестарот на Македонската филхармонија овој четврток (5 октомври) со почеток од 20 часот ќе ја отвори новата концертна сезона насловена „80 години-Љубов!“. Првиот концерт е насловен „Будење“ и како солист ќе настапи познатиот виолинист Барнабаш Келемен од Унгарија, а диригент е Бенџамин Шварц од Израел/САД.
На програмата се Концертот за виолина и оркестар бр. 2 од Бела Барток и Извадоци од балетот „Ромео и Јулија“ од Сергеј Прокофјев.
„Бела Барток (1881 – 1945) е еден од најпознатите унгарски композитори (воедно пијанист и етномузиколог) и еден од најзначајните композитори на 20 век. Тој е еден од основачите на етномузикологијата, антропологијата и етнографијата во музиката. Во неговиот опус препознатлива е инспирацијата од фолклорното мелодиско богатство, а познат е и по неговите едиции за музичкиот фолклор“, велат од Филхармонија.
Од таму посочуваат дека балетот во три чина, според Шекспировата трагедија „Ромео и Јулија“, е една од најубавите и најчитани драми во светската литература е лирска музичка приказна за трагичната љубов на двајцата главни протагонисти видена од специфичниот агол на препознатливиот музички сензибилитет на рускиот композитор Сергеј Прокофјев.
„Од кога е напишан, во 1938 година, овој балет е постојана инспирација за генерации кореографи и режисери, а музиката на Прокофјев е совршен звучен тестамент кој постојано се изведува и самостојно, без балетска поставка. Многу композитори напишале балети и опери инспирирани од приказната за двајцата несреќни љубовници кои на трагичен начин ќе ѝ стават крај на нетрпеливоста меѓу нивните семејства – Монтеки и Капулети. Сепак, Сергеј Прокофјев бил првиот композитор кој создал вистински шекспировски балет – еден од најдобрите во 20 век“, посочуваат од Филхармонија.
За виолинистот Барнабаш Келемен, велат дека ги освои најпознатите концертни сцени во светот со својата виртуозна техника и динамика, како и со страсниот изведувачки стил.
„Различен и со отворен ум, тој важи за исклучителен солист и камерен музичар, како и уметнички директор на фестивали и професор на водечки музички институции. Во последните неколку години, Келемен работи и како диригент. Поседува филигранско чувство за креирање стил и поседува неверојатна техничка подготвеност која му дава сигурност да изведува комплексни дела од виолинската литература. Неговиот репертоар е диверзитетен, изведува дела од раниот барок, класиката, дела од романтизмот, како и современа музика. Посветен промотор е на современата музика и зад себе има многу светски и унгарски премиери на дела од Куртаг, Лигети, Шнитке, Губадулина, Рајх…“, соопштува Филхармонија.
Бенџамин Шварц, пак, критичарите го опишуваат како сензација. Односно, „со неговата чиста енергија, перфектна техника во комбинација со мотивиран оркестар, тој успева да продуцира возбудлив и култивиран звук“, а истовремено „има јасна визија во своите интерпретации“.
„Овие квалитети заедно со широкиот репертоар на дела произлегуваат од неговата постојано присутна желба за истражување и проширување на индивидуалните звучни хоризонти“, велат од Филхармонија.