Во четврток (27 април), со почеток во 20 часот, оркестарот на македонската Филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Аир“ на кој како солист ќе настапи виолистот Дијанг Меи (Кина/Германија), а диригент е маестро Емил Табаков. Ќе настапи и хорот „ПроАрс“ во првата изведба во Македонија на делото „Стикс“ од грузискиот авангарден композитор Гија Канчели. Составен дел од програмата е и гротескната музичка приказна за „Поручникот Киже“ на рускиот композитор Сергеј Прокофјев.
Сергеј Прокофјев (1891 – 1931) е познат во музичката литература не само по неговите фантастични симфонии, музика за соло инструменти, концерти и кантати туку и по неколкуте квалитетни музички партитури што ги компонирал за руската филмска индустрија, која била во подем. Доказ за тоа е исклучителната музика за филмовите „Иван Грозни“ и „Александар Невски“, како и музиката за филмот „Поручникот Киже“. Сценариото на филмот за кој Прокофјев оригинално ја напишал музиката, зборува за ситуациите кои настанале кога Царот (кому никој не смеел да му противречи) погрешно интерпретирал два збора во некаков воен извештај, па со нивното спојување се добило име – Поручник Киже. Поради стравот од Царот, и не сакајќи да го засрамат, неговите помошници морале да измислат таков лик и постојано да креираат различни ситуации во кои се наоѓал непостоечкиот Киже, само за да не западнат во неволја. Кога Царот конечно сакал да го запознае фамозниот Киже, единствен начин бил да се измисли и неговата смрт – по што тој бил погребан со воени почести. Самиот синопсис укажува на тоа дека музиката морала да кореспондира со бројни бизарни ситуации, а кога Прокофјев подоцна ја извел Оркестарската суита од целосната филмска партитура – таа претставува еден вид кондензирана форма на музиката од филмот. Ставовите на суитата, кои се програмски и опишуваат различни делови од филмот, се дескриптивни, на моменти комични
„Стикс“ за виола, хор и оркестар е дело инспирирано од митската река Стикс, којашто во Античка Грција ги делела двата света – на живите и на мртвите. Делото има етерична структура, а Гија Канчели рекол дека виолата ја замислил како медијатор меѓу двата света: всушност соло виолата ја претставува реката Стикс во ова дело. Ова дело демонстрира што сѐ може да се изведе на виола – ако сакате да дознаете кои се изведувачките перформанси на овој инструмент тогаш мора да го чуете ова дело во кое се тестираат и презентираат сите негови можности, бои и текстури. Музиката е изградена на дијаметралната спротивност на смиреноста и немирот. Пејзажот на ова дело е речиси „прав“ до крајот, но тоналноста е прилично нестабилна и со неа Канчели ја истражува тоналната естетика која не може да се чуе никаде, освен во доцниот опус на Дмитри Шостакович (поточно во трите последни гудачки квартети). Исто како и Шостакович, Канчели ја употребува тишината како моќно оружје во креирањето на музичката приказна. Делото медитира меѓу животот и смртта, и во него и оркестарот и хорот, покрај соло виолата, креираат атмосфера на своевиден „портал“ во сеќавањето, како и целокупниот музички опус на Канчели кој левитира меѓу вербата и разочарувањето.
Неверојатна техника, возбудлив изведувачки стил, логика во фразирањето, ритмичка стабилност и сценска доминација се епитетите кои критиката ги „лепи“ за изведбата на Дијанг Меи. По брилијантниот успех на „АРД – Интернационалниот музички натпревар“ во 2018 година, каде ја освои првата награда, неговата кариера започна интензивно да се развива. Како солист настапувал со Баварскиот радиосимфониски оркестар, со Симфонискиот оркестар на Штутгарт, со Минхенскиот камерен оркестар, со Шкотскиот камерен оркестар. Настапувал со Андрес Шиф, Вадим Глузман, Гунтер Пихлер, Герхард Шулц, Сабине Мејер, Франс Хелмерсон и други. Дијанг Меи е на позицијата прва виола во Минхенскиот филхармониски оркестар од есента 2019 година. Во октомври 2022 година ја има истата позиција и во Берлинскиот филхармониски оркестар. Добитник е на повеќе награди и признанија: прво место на 53. Интернационален музички натпревар „Макс Ростал“ за виола во Берлин (2015), Натпреварот на млади уметници во Рочестер, 19. Интеранационален натпревар „Јоханес Брамс“ во Австрија, 10. Интернационален натпревар за виола и виолончело во Шпанија (2008). Неговиот прв албум „Transforming Viola“ е издаден во 2019 година, а во 2022 година го издаде и вториот „Viola à L’Ecole de Paris“. Студирал на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Минхен, а потоа продолжил на академијата „Кронберг“. Свири на виола изработена од Антонио Мариани од 1646 година, позајмена од приватна колекција.
Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија; студирајќи контрабас на Гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на Одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на Одделот по композиција.
Од 1976 до 1979 работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а од 1979 сè до 1988 година, тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“, со кој остварува значајни концерти ширум светот. Во 1985 година станува диригент на Софиската филхармонија, од 1987 е нејзин главен диригент, а од 1988 до 2000 година – музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година, маестро Табаков наедно е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар.
Од 2002 до 2008 година, тој е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин-диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… До сега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен…
Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (девет симфонии) и други формации. Носител е на престижни награди и како диригент, меѓу кои и на наградата личност на годината според Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, како еден од стоте најдобри професионалци за 2012 година.