Филхармонијата на 2 ноември ќе изведува „Симфонија на тажни песни“ од Горецки

Македонската филхармонија најавува симфониски концерт „Симфонија на тажни песни“ кој ќе се одржи на 2 ноември (четврток) со почеток во 20 часот, во новиот објект на филхармонијата.

Ќе биде изведена една најпопуларните симфонии на сите времиња, „Симфонија на тажни песни“ или позната и како Симфонија број 3 од современиот полски композитор Хенрик Миколај Горецки. Воедно, симфонијата ќе ја доживее и премирната изведба  на оркестарот на Македонската филхармонија.

Како солист ќе се претстави македонската оперска дива, Ана Дурловски, а зад диригентскиот пулт повторно ќе застане маестро Емил Табаков од Бугарија.

„‘Симфонијата на тажни песни’ се смета за една од најдобрите симфонии на сите времиња, чија популарност ја стекна не само во сферата на класичната музика, туку и во поп-културата. Создадена е во 1976 година, а полската агенција ПАП ќе наведе дека снимката (плочата) е продадена во повеќе од милион примероци. Всушност, ова дело своевремено стана најпродаваното издание на некој современ композитор. Симфонијата е инспирирана од темите на војната и разделбите, од нацистичките логори за време на Втората светска војна.

Изведена е по повод комеморацијата на холокаустот во 1992 година со Лондонскиот симфониски оркестар, под палката на Давид Цинман и сопранот Даун Апшоу, кога доживеа фантастичен успех на сите листи во САД и во Велика Британија, а бројот на продадени ЦД-а ја премина бројката од еден милион. Кога новинарите го прашале Горецки да ја искоментира изведбата, тој само одговорил: ‘Ајде малку да молчиме за тоа’. Ниту еден класичен композитор, всушност, не достигнал таква комерцијалност како Горецки со ова дело“, соопштуваат од Македонска филхармонија.