Годинешната награда за најдобар млад македонски џез музичар на реномираниот „Скопје џез фестивал“ овојпат отиде во рацете на талентираниот скопски гитарист, композитор и импровизатор Филип Букршлиев.
Неговото име (и презиме) може да се најде на повеќе од 20 долгосвиречки изданија, додека фестивалот смета дека творештвото и музицирањето на Букршлиев се одликува со необична духовитост, раскошна фантазија и несекојдневна елоквентност, што соодветствува и на неговата личност.
Откако периодов го слушавме како свири со „Такси Конзилиум“, потоа со ансамблот на Јордан Костов кој издаде и свежо музичко парче, а настапуваше и при доделувањето со квартет формација, тој за Радио МОФ вели дека оваа награда значи многу.
„Скопскиот Џез Фестивал, го споменав тоа и на доделувањето, нуди увид (особено за музичарите) дека и покрај убиствената едноличност на омнипрезентното мочуриште – постои и еден друг свет. Каде што со инструментот се говори слободно, каде со композицијата не се постапува пазарски услужно, каде што содржината е позначајна од позата. Затоа, секако дека значи многу“, вели Букршлиев.
Ова е петта година како фестивалот ја доделува наградата на млади музичари. Оттука е и прашањето колку ова дава поттик за да продолжат да се занимаваат со она што сакаат и, истовремено, каде тие меѓувремено се наоѓаат во државава, остануваат ли да бидат самоиницијативни борци?
„Секоја прилика кога ќе дознаеш дека со твојата музика не водиш исклучиво само монолози, е повеќе од добредојдена и дава перспективност, полетност, ветер во грб. Младите музичари, инаку, ги има насекаде. Ама функционираме како тајно, умерено криминално здружување. На маргините од општеството, далеку од свеста. Под превезот на ноќта, на јазици веќе одамна изумрени, го шириме нашето учење за поливалентноста на лидискиот модус и техниките на рехармонизација“, забележува Букршлиев.
За време на целиот изминат период и кампањското политичко (над)мудрување, често се случуваше социјалните и класичните медиуми да го гушат културниот проток. Но, сепак, тој е согласен дека џезот наоѓаше процеп – излез во музичка, ама и друштвена смисла.
„Погледнете само колку изданија има PMG Jazz само за време на текот на пандемијата, и како поминуваат некои од нив кај критиката и фановите“, потенцира Букршлиев.
За пандемијата, генерално, на прашањето што правел Филип за да задржи напредна мисла и здрав разум, тој одговара:
„Тоа што го правеше и секогаш. Филип и онака само свири и чита книги“.
Нагласува дека постојано пишува композици, скицира идеи и не милува да се повторува и мрзливо да се рециклира.
„Сакам да пишувам за конкретни музичари. Сега пријатно се чувствувам во Такси Конзилиум, моето трио и квинтетот на Јордан. Од тие инстанци би можело да се очекува нешто ново, во догледно време“.
Букршлиев, за сите, порачува да преслушаат сé што можат да најдат од: Андреа Мирческа, Драган Теодосиев, Благојче Томевски, Јордан Костов, Славчо Коцев, Дамјан Грујо, Бојан Петков-Шамба, Петар Христов, Владан Дробицки…
Бојан Шашевски