Филип Јовановски ја доби годишната награда за млад ликовен уметник „ДЕНЕС 2013“, кој се доделува по десетти пат. Авторот е награден за проектот Мртва природа: од колекцијата Работничката класа оди во рајот.
Самиот проект претставува лична архива на фрагменти од неколку авторски проекти коишто го третираат поимот на слободата во различни социјални и политички контексти, каде работникот станува објект, предмет во големата слика на доминантните позиции на моќ, парадигма во дефинирањето на граѓанскатаслобода во еден современ неолиберален систем.
Како што посочува авторот, проектот претставува мала архива од проекти кои што го преиспитуваат контекстот на граѓанската непослушност, како мали интими на новата револуција којашто повикува во конкретниот локален но и глобаленполитички контекст, особено истакнат со случувањата во последните 2 години.
„Сигурно е лесно за држава која што секојдневно „произведува“ митови да ги прати работниците во рајот. Зар е тоа договорот за работа? Тоа им ветиле? Зар нивните идеи зависат само од нивната материјална состојба? Значи ли тоа дека треба да го издржат пеколот на земјата за да „одат“ во рајот? “, прашува авторот.
Центарот за современи уметности, во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк оваа година по десети пат традиционално ја реализира Годишната награда за најдобар млад ликовен уметник во Република Македонија до 35 години. Наградата е насловена ДЕНЕС по еминентната македонска ликовна група од шеесеттите години.
Притоа Центарот ја организира и изложбата на финалните кандидати, а наградениот автор добива стипендија која ги покрива трошоците за пат и шест неделен престој во Меѓународната куќа, асоцирана со Универзитетот во Колумбија, Њујорк.
Стипендијата во целост ја покрива Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк.