Филипа Сара Попова е добитничка на поетската награда „Млада Струга“ на Струшките вечери на поезијата

Добитничка на поетската награда „Млада Струга“ на овогодинешните Струшки вечери на поезијата е Филипа Сара Попова за нејзината необјавена стихозбирка „Скршен терариум“. Свечениот настан се одржа на денеска (8 јули) во просториите на „Јуроп хаус“ во Струга.

За тоа кој да ја добие наградата одлучила жири комисијата составена од Славе Ѓорѓо Димоски, Виолета Танчева-Златева и Андреј Ал-Асади.

„Станува збор за извонредно надарена поетеса, полна со луцидни рефлексии и сензации за животот, времето и светот одликувани спрема потребата во потрага за смисла, но притоа самата е свесна дека и поетскиот говор сапо по себе е потрага (по смисла). Ритамот на нејзиниот поетски говор одговара на ритамот на животот: отворено и искрено, без затскривање зад метафори и алузии, таа е сеизмограф на своето време“, истакнува жири комисијата за младата поетеса.

Фото портрет од поетесата Филипа Сара Попова

Според нив, таа не е само обичен забележувач на случувањата, туку има активен однос кон времето што го живееме. Нејзината необјавена стихозбирка „Скршен терариум“, како што потенцираат тие, изобилува со асонанци, метонимии и речиси незабележлив, но исклучително важен ритам во пренесување на мотивот „кој се проткајува низ целата стихозбирка и ја прави една компактна логичка целина“.

„Попова користи лесен и разигран јазик, иако полн со симболи, слики и логички корелации помеѓу нив. Од поетичка страна, таа го подражава драматичниот импулс на поетскиото битие и духот на современоста“, велат тие.

Инаку, наградата „Младата Струга“ се доделува за необјавена поетска стихозбирка од млад автор дебитант на возраст од 18 до 30 години, кој добива паричен износ, можност за објавување на стихозбирката во рамки на изданието на Фестивалот, како и можност за учество и негова промоција на Струшките вечери на поезијата.