Дел од учениците во македонските основни и средни училишта, во согласност со родителите и по случаен избор, ќе бидат тестирани за присуство на вирусот Ковид-19, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој информираше дека во методологијата се опфатени околу 8.200 деца, пропорционално дистрибуирани по општини според број на ученици. Планирано е скрининот да трае 5 дена и дневно да се тестираат по околу 1.600 деца, во самите училишта каде што мобилни екипи ќе одат на терен и ќе го вршат тестирањето за време на часовите.
Тој напомена и дека децата од посебните училишта и училиштата каде просечниот број на ученици во одделение е помал од 10 деца ќе бидат исклучени од овој процес од причина што станува збор за помали рурални места каде учат многу мал процент од сите ученици и во места каде инциденцата на вирусот е многу ниска.