Од утрово воведена е контрола на сите патници на аеродромот во Скопје поради Ковид-19 коронавирусот, соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Овој потег доаѓа откако во Италија седум лица починаа, а заразени се над 220 од овој вирус.
Во овој момент нема податоци дека има заболени или под опсервација на македонски граѓани во Италија.
„Доколку има некој заболен со корона вирусот, тој се спроведува по соодветен пат од Здравствениот дом во Скопје со подготвен тим до Инфективната клиника во Скопје, каде постои еден дел за изолација, односно доколку е потребен и карантин. Доколку има патници коишто треба да се опсервираат и да се пратат, за тоа се подготвени инфективното одделение во Клиничката болница во Штип, како и инфективните одделенија во болниците во Велес и во Гостивар, по потреба, во зависност од тоа колку граѓани ќе треба, ако воопшто треба да се опсервираат“, информираше министерот Филипче.
Филипче упати апел до граѓаните доколку немаат потреба да ги одложат патувањата во регионот на Северна Италија, кој е во блокада, а единаесет градови се во одредена изолација.
Тој посочи дека е разработен е посебен прашалник за граничните полицајци и царинарници. Патниците се прашуваат од каде доаѓаат, дали евентуално од некој од критичните региони, дали биле во контакт со заболени, без разлика каде.
„Врз основа на одговорите, граничната полиција стапува во контакт со регионалниот Центар за јавно здравје или со Институтот за јавно здравје во Скопје, а понатаму доколку има некој патник, којшто би бил потенцијален пациент во смисла на појава на некои симптоми или да бил во контакт во изминатиот период се постапува согласно алгоритмот. Тоа значи дека епидемиологот го сместува тој патник во посебна просторија на граничниот сувоземен премин, каде што се прават проверките, се прави тестирањето и понатаму се постапува согласно резултатите“, појасни министерот Филипче.
Денеска ќе се одржи состанок со Центарот за управување со кризи во Министерството за внатрешни работи, со цел да се искоординираат активностите и на другите институции, по што ќе следуваат дополнителни информации од нив.
Пневмонијалниот вирус, првпат се појави во декември во Вухан, Кина. Оттогаш се прошири и зарази речиси 80 000 луѓе низ целиот свет, а од него починаа 2,462, покажуваат бројките на Светската здравствена организација. Од нив, 1769 случаи на заразени и 17 смртни случаи се регистрирани во Кина.