Петнаесет граѓански организации кои аплицираа на јавниот повик на Министерството за здравство ќе добијат 47 милиони денари за активности утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција за годинава. Тие денеска со министерот за здравство Венко Филипче потпишаа договори со кои ќе им бидат обезбедени средствата.
За програмите за ХИВ за годинава се обезбедени 95 милиони денари од кои 47 милиони денари се за превентивните програми кои ќе ги имплементираат 15 здруженија, околу 43 милиони денари се за третманот за ХИВ, а остатокот од пет милиони денари се за Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје кои се поврзани со мониторинг, евалуација на овие програми.
„Република Македонија e првата земја во регионот која целосно го презема финансирањето на превентивните програми за ХИВ и туберкулоза од Глобалниот фонд, кој го препозна ова лидерство. Имаме чест годинава на 9 и 10 мај бордот на Глобалниот фонд да се одржи во нашата земја. Владата стави приоритет и обезбеди средства од националниот буџет за да продолжи со програмите за превенција, дијагноза и за лекување на пациентите со ХИВ и туберкулоза“, истакна Филипче на прес-конференција.
На двата објавени повици од министерството, се пријавиле 15 организации. Во програмата за превенција на ХИВ активно ќе бидат вклучени и здравствените институции кои ќе имаат одговорност за да се одржи ниската преваленца на ХИВ. Товарот ќе падне на Институтот за јавно здравје, центрите за третман на зависности, Клиниката за инфективни болести и центрите за јавно здравје. Нивната работа ќе биде надгледувана од Национална комисија за ХИВ/СИДА при Министерството.
Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, во Македонија 276 лица се заболени од СИДА или се носители на ХИВ вирусот, 83 веќе починале. Последниот случај на заболен е регистриран минатиот месец. Се работи за машко лице од Прилеп на возраст од 20 до 29 години.