Во иднина македонските граѓани можеби ќе мора да го приложуваат сертификатот дека се вакцинирани против Ковид-19 доколку сакаат да присуствуваат на масовни настани, или пак на настани кои се одржуваат на затворено, културни манифестации, кина или театри, најави Министерот за здравство, Венко Филипче, кој рече дека во следниот период здравствените власти ќе дискутираат по ова прашање.
„Овие недели кои се пред нас ќе размислуваме согласно опфатот да воведеме некаква форма на рестрикција, почнувајќи од септември натаму, во смисла вакциналниот сертификат да биде неопходен за да се влезе на некој масовен настан, кога има настан на затворено и така натаму, но да видиме како ќе се одвиваат сега работите. Искрено се надевам дека опфатот со вакцинација ќе се зголеми“, рече Филипче.
Тој посочи и дека според првичните анализи преку 85% од здравствените работници се вакцинирани против коронавирусот, а уште ги чекаат анализите од вработените во училиштата и градинките за да донесат одлука дали ќе биде потребно дополнително да се апелира за вакцинација во овие сектори за училиштата и градинките наесен да почнат непречено да функционираат.
Филипче соопшти дека досега во Северна Македонија се вакцинирани околу 430.000 граѓани, а 250.000 граѓани примиле по две дози од вакцините против Ковид-19.