„Се повеќе сме сведоци на лажни вести во врска со вакцините и вакцинацијата. Сакам да ве уверам дека сите вакцини се целосно безбедни, сите се развиваат по веќе вообичаени и сосема безбедни протоколи. Секој еден граѓанин на кој што е индицирана вакцинација треба да ја прими оваа вакцина. Така ќе ставиме крај на пандемијата“, рече министерот за здравство Венко Филипче во свое видео обраќање.
Тој рече дека во целиот овој период гледаме како е да се соочуваме со болест за која нема вакцини. Нагласи дека Владата ќе обезбеди доволен број на вакцини и преку Ковакс системот, и преку понудата од ЕУ, а има и се’ повеќе можности за директни договори со компаниите.
„Целта е да се вакцинира 60% до 70% од населението што е доволно да се создаде имунитет и да го победиме вирусот. Вакцините се развиени по безбедносни протоколи и процедури кои компаниите што развиваат вакцини години наназад ги запазуваат. Благодарение на вакцините во светот се искоренети многу болести како паротитот, полиото и морбилите“, рече Филипче.
Министерството за здравство денеска информираше дека Филипче посетил дел од економските оператори кај кои ќе се чува вакцината за Ковид-19.
„Станува збор за дистрибутери кои веќе работат на оваа поле односно вклучени се во постојаниот систем на вакцинација, во делот што се однесува на складирање и дистрибуција на други вакцини. Министерот со дел од стручните тимови на дистрибутерите направи обиколка на ладните соби, и фрижидерите во кои веќе се чуваат вакцини од имунолошкиот календар на Министерството и со нив разговараше како и на кој начин ќе се чува и дистрибуира вакцината за Ковид 19, кога ќе пристигне во нашата земја“, соопшти ресорното министерство.
Инаку, во последните 24 часа се направени 1.837 тестирања, а регистрирани се 613 нови случаи на Ковид-19. Починати се 25 лица, додека Институтот за јавно здравје регистрира 688 оздравени.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.