Филмски фанатик од англискиот град Сомерсет изгледал повеќе од 1.000 филмови за една година откако останал без работа при првите карантини поради Ковид-19.
Филмофилот Фил Ватс успеал да изгледа вкупно 1.028 филмови, а понекогаш гледал и по седум наслови дневно.
Во неговата маратонска филмска година тој успеал да ги изгледа сите филмови од серијалот „Џејмс Бонд“, „Стар Трек“ и „Брзи и бесни“.
Ватс, кој во неговата мрежа на љубители на филмови е познат под псевдонимот „Не е Џорџ Лукас“ работел во фирмата за преработка на дрво „Јандлс“, но во јануари 2021 година бил прогласен за технолошки вишок.
Во пролетта 2021 година, започнал да работи од дома на други проекти и пуштал филмови во позадина.
„Морав да забележувам или заборавав што сум гледал“, вели тој за Би-Би-Си.
„Веќе во март имав изгледано меѓу 300 и 400 филмови, па помислив дека можеби ќе можам да изгледам 1.000 во една година.
Илјадитиот филм го изгледал на 28 декември минатата година – „Однесено со виорот“, кој никогаш дотогаш го немал гледано.
„Имаше денови кога поради работа, или други причини не можев да гледам ниту еден, но во другите денови можев да изгледам неколку од филмовите кои се долги околу 70 минути. Па, така, некои денови гледав и по седум филмови. Не би кажал дека сум филмски фанатик, туку повеќе сум еден од оние луѓе, кои обично ги нарекувам супер-гик“, посочува Ватс.
Тој додава дека и покрај тоа што гледањето толку многу филмови некогаш било проблематично за неговите навики за спиење, сепак тоа немало преголемо влијание врз начинот на живот.
„Секогаш користам филмови како форма на бегство. Некои луѓе џогираат или читаат книга. За мене, филм е два часа во далечна галаксија или длабоко под морето или во реалистична драма. Бидејќи бевме во карантин, тоа немаше преголемо влијание врз мојот социјален живот. Правев пријателства на социјалните мрежи со луѓето кои имаа сличен вкус“, објаснува Ватс.
Тој потекнува од филмофилско семејство, бидејќи неговиот татко работел на кино-проекции. Филмската страст на Ватс довела до тоа тој сега да работи за вебсајтот „The Last Movie Outpost“ каде можат да се најдат филмски вести, рецензии и дискусии.