Средношколските години беа во фокусот на повеќе филмски остварувања кои беа прикажани на најпознатиот светски фестивал на независни филмови, американскиот Sundance. Двете најголеми награди, Најдобриот американски филм според жирито и Најдобра драма според публиката, ги освои филмот „Me & Earl & the Dying Girl“, дебитантско остварување на режисерот Alfonso Gomez-Rejon. Филмот ги следи срамежливиот ученик Greg (улогата ја толкува Thomas Mann), низ матурската година, заедно со неговиот другар Earl (R.J. Cyler), како се спријателуваат со девојчето Rachel (Olivia Cooke), кое боледува од леукемија.
Двете награди за филмот може да значат добри шанси тој да да влезе во конкуренција и за наградите „Оскар“ идната година, имајќи предвид дека филмот „Whiplash“, кој се смета за еден од фаворитите за годинешните „Оскари“, лани ги освои истите две признанија на Sundance.
Вкупно 123 документарни и играни филмови беа прикажани на фестивалот Sundance, кој се одржува во Парк Сити, во американската држава Јута. За најдобар документарен филм од американска продукција беше прогласен „The Wolfpack“, на Crystal Moselle. Во категоријата „Светско кино“, за најдобар филм беше прогласен американско-британскиот „Slow West“, во режија на John Maclean. Најдобар странски документарен филм е „The Russian Woodpecker“ на Chad Garcia.
Погледнете ги филмовите-победници во сите категории на Sundance на официјалната веб-страница на фестивалот.