„Мал Дисконтинуитет во Времепросторот” на режисерот Гоце Цветановски ја доби наградата Коскар за најдобар регионален филм на деветтото издание на Српскиот Фестивал за Фантастични Филмови во Белград, Србија.
Според изјавата на жирито, наградата е доделена едногласно, а беше врачена од специјалниот гостин на фестивалот, легендарниот холивудски продуцент и режисер Мик Герис, кој е познат како режисер на култните хорор филмови „Месечари“ по сценарио на Стивен Кинг, „Мува 2″, „Критерс 2″, серијата „The Stand” исто така според Стивен Кинг, и како продуцент на серијата „Мајстори на хоророт”.
Инаку филмот досега беше прикажан на 18 фестивали низ целиот свет, и двапати беше во трка за најдобар краток фантастичен европски филм. Главните улоги ги толкуваат Висар Вишка и Драгана Левенска, а филмот е независна копродукција меѓу 6 филмски компании од Македонија.