Документарниот филм „Прва македонска трансверзала“ во режија и продукција на Горан Вуќиќ и Кирил Шентевски ќе биде прикажан на 24-от Меѓународен фестивал на планински филм, кој ќе се одржи од 12 до 16 октомври во Попрад – Словачка.
Филмот, кој пред домашната публика беше премиерно прикажан на шестото издание на ЕХО Фестивалот на планински филм лани во Скопје, доби Посебно признание, потоа беше дел од програмата „ЕХО патува“ и се прикажа во повеќе градови низ Македонија.
Негова следна дестинација е Македонскиот филмски фестивал кој ќе се одржи од 22 до 23 октомври во Торонто, во ноември ќе учествува на Банско филм фест во Бугарија, а во декември ќе биде прикажан на 14-от Интернационален филмски фестивал Катманду во Непал.
Филмот ја прикажува планинарската транверзала која неодамна се возобнови и се протега низ планинските масиви во западниот дел на Република Македонија. Тоа е дело на Кирил Шентевски, а монтажата е на Горан Вуќиќ. „Прва македонска транверзала“ е снимен како независна продукција.