Педро Алмодовар, Такеши Китано, Коста Гаврас, Томас Винтерберг, се само некои од извонредните филмски автори, чии дела ќе ги видиме премиерно на годинешниот 16. „Скопски филмски фестивал“, кој ќе се одржи од 19 до 27 април во киносалите „Милениум“ и „Рамстор“. На задоволство на публиката, фестивалот најавува дека за отворањето е избран одличниот српски филм „Кругови“ на Срдан Голубовиќ, кој освои награди во Санденс и во Берлин, додека на затворањето ќе се прикаже рускиот филм „Предавство“ на Кирил Сребреников, кој имаше премиера во Венеција, а во кој главна улога игра македонскиот актер Дејан Лилиќ.
Главната и Авторската програма оваа година носат многу интересен избор. Покрај веќе споменатите имиња, тука се и новите остварувања на Вес Андерсон, кој лани со „Кралството на месечината“ го отвори Кан, потоа на Николај Арсел, чиј филм „Кралска афера“ имаше номинација за „Оскар“, па британската комедија за „Невистинитата приказна на Монти Пајтон: Автобиографијата на лажгото“ направена според книгата на Греам Чепмен, еден од основачите на легендарниот Монти Пајтон. Но, меѓу нив се и германската ветеранка Маргарет фон Трота со биографскиот „Хана Арент“, секогаш контроверзниот американски режисер Хармони Корин, како и чилеанскиот филм „Не“ на Пабло Лареин, уште едно дело кое годинава беше номинирано за „Оскар“ во категоријата на странски филм.
Скопската публика ќе има можност, конечно, да го види толку фалениот дански филм „Лов“ на Томас Винтерберг со Медс Микелсен во главната улога, кој му ја донесе и наградата за најдобра улога на Канскиот филмски фестивал. „Лов“ е извонредна приказна за еден негувател во градинка, која се занимава со темата на злоупотреба на деца, но погледнато од друг агол, кога ќе се случи невина и мала лага и кога ќе тргне таква лавина која може да ви го уништи животот. Ова силно остварување понесе и номинација за британската „Бафта“, а имаше и пет номинации за „Европските оскари“, од кои ја освои наградата за сценарио.
Филмот на големиот јапонски автор, Такеши Китано, „Насилство 2“, ја имаше својата премиера во Венеција. Ова е уште едно визуелно мајсторско дело на Китано, во кое си поигрува со борбата меѓу завојуваните јакузи од источниот и западниот дел. Оскаровецот Коста Гаврас, реномираниот грчки режисер кој долги години работи и живее во Франција, во својот нов филм „Капитал“ се осврнува на суровиот и алчен финансиски свет преку приказната за директорот на една европска инвестициска банка. Филмот беше прикажан на фестивалот во Сан Себастијан, а во него играат: Гад Елмалех, Габриел Брн и Наташа Рение.
Педро Алмодовар, авторот на легендарните филмски наслови „Се’ за мојата мајка“, „Враќање“ или „Зборувај со неа“, кој му донесе и „Оскар“, овој пат ја потпишува комедијата „Многу сум возбуден“. Станува збор за една ситуација кога се заканува авионска несреќа на патот кон Мексико и кога персоналот на секаков начин се обидува да помогне. Во него се повторно ангажирани омилените актери на шпанскиот мајстор: Антонио Бандерас, Пенелопе Круз, Хавиер Камара.
Извор: Утрински весник