Во рамки на културното лето на Младински образовен форум (МОФ) и Радио МОФ, најавена е филмска дружба со „МакеДокс“. На 29 август, понеделник, во дворот на МОФ ќе се одржат проекции на филмови од категоријата „ДокуНикулци“.
Со почеток во 19 часот, присутните ќе имаат можност да погледнат одлични кратки докуменарци на млади креативци, а на репертоарот се филмовите „Кино Мортус“, „После Марко“ и „Уметност над уметностите“.
По сценарио и режија на Ивана Цветановска, филмот „Кино Мортус“ претставува патување низ времето преку кино-салите во Скопје. Раскажувањата на филмските познавачи Илинденка Петрушева и Влатко Галевски, ги навраќаат гледачите во славните кино денови на градот, преку коктел од анегдоти сервиран со носталгија настрана.
Филмската фотографија е на Антонио Мисирковски и Матеја Козовски, едитирањето на Оливер Милевски, звукот на Леон Шумански, а филмот е во продукција на „МаkeDox Film School“.
По сценарио и режија на Мила Макаровска, филмот „После Марко“ ги претставува ризиците со кои се соочува Балканскиот рис, вид кој е заштитен во С. Македонија. Филмот исто така ги покажува пречките со кои се соочуваат луѓето кои се грижат за опстанокот на оваа единка, а филмот го отвора прашањето дали може да се стави цена на национално непроценливо богатство на природата.
Филмската фотографија е на Оливер Милевски, едитирањето е на Леон Шумански, музиката на Ади Имери, а филмот е во продукција на „МаkeDox Film School“.
Последен на филмската програма е „Уметност над уметностите“, филм во режија на Давид Стојановски, кој ја раскажува приказната за тоа како еден рапер, музичар и поранешен новинар, ги воцеловуваат даровите кои ги поседуваат и ја менуваат нивната природа. Гледаме како преку долготрпеливота и истрајноста, денес, ни сведочат за Уметноста над уметностите.
Камерата е на Петар Тргачевски, едитирањето е на Леа Димитрова, звукот на Наум Кутлешовски.
„Дојдете да го поздравиме летото преку восприемање на најразлични приказни, пуканките се од нас“, порачуваат организаторите.