Филмска ода за мислата и меморијата: Мајската програма на Кинотеката на Македонија

Во мај, Кинотеката на Македонија ја претвора својата проекциска сала во, како што велат оттаму, вистинско светилиште на сликата, мислата и сеќавањето. Програмата започнува со два антологиски филма на Емир Кустурица, а ќе продолжи со филмови на Џин Хекман, Пиер Паоло Пазолини и филмови од Полска.

„Богатата и внимателно курирана програма ја слави моќта на филмот да размислува, сведочи, предизвикува и возбудува. Со акценти врз авторски поетики, политичка историја и философска рефлексија, мајскиот репертоар претставува редок пример на културна програма која истовремено е и уметничка прослава и интелектуална провокација“, истакнуваат од Кинотека на Македонија.

Програмата ќе започне со „Подземје“ и „Аризона дрим“, кои, според Кинотека, ја отелотворуваат единствената авторска визија на Емир Костурица.

„’Подземје’ е епопеја за историјата на поранешна Југославија, раскажана како гротескен театар на апсурдот, каде реалноста и илузијата коегзистираат во еден подземен лавиринт на заблуди. ‘Аризона дрим’, пак, е своевидна бајка за американскиот сон низ погледот на балканскиот емигрант, обоена со магичен реализам, иронија и меланхолија. Филмовите на Кустурица не се само приказни – тие се блуз, балада и политичка сатира во едно“, велат оттаму.

Додека пак, во чест на неодамна починатиот Џин Хекман, Кинотеката приредува омаж со проекции на два негови филма – „Разговорот“ на Френсис Форд Копола и „Непростено“ на Клинт Иствуд.

„Првиот го прикажува Хекман во улога на интровертен експерт за прислушување, фатен во мрежа на параноја и морална дилема, додека вториот го претставува како насилен шериф што го преиспитува митот за херојството. Хекман останува синоним за актерска прецизност, длабочина и човечка кревкост“, нагласуваат од Кинотека.

Мајската програма вклучува и ретроспектива на италијанскиот режисер Пиер Паоло Пазолини, чија филмографија, како што велат од Кинотека, претставува постојан судир помеѓу поезијата и политиката, телесното и божественото, порокот и светоста. Неговите филмови сведочат за бескомпромисната борба против културната хомогенизација и буржоаската хипокризија.

Во рамките на мајскиот циклус, исто така, Кинотека ќе ги угости двете имиња од современета полска документаристика – режисерот Куба Микурда и визуелната уметница и филмска монтажерка, Лаура Павела.

„Куба Микурда е полски режисер и филмски теоретичар, чија работа се одликува со уникатна психоаналитичка перспектива и иновативен пристап кон архивските материјали. Иако нема формално филмско образование, неговата стручност произлегува од современата психоанализа – како поранешен студент на Славој Жижек, тој е автор на книга за поимот ‘не-се-сè’ кај Жак Лакан. Микурда е автор на високо оценетите документарци Love Express: Исчезнувањето на Валеријан Боровчик (2018), Бегство на Сребрениот Глобус (2021) и Соларис, моја љубов (2023), а предава и на престижната Филмска академија во Лоѓ“, раскажуваат од Кинотека.

Павела, пак, е визуелна уметница, скулпторка и монтажерка со богато искуство во областа на уметничкиот и документарниот филм.

„Таа е авторка на бројни изложби во Полска и светот, и предавачка на предметот found footage на филмска академија. Павела е долгогодишна соработничка на Микурда, со кого го има снимено филмот Соларис, моја љубов, а заедно со Изабела Пајонк беше номинирана за престижната награда ‘Орел’ за монтажата на Бегство на Сребрениот Глобус во 2022 година. Нејзината работа се одликува со префинето чувство за асоцијативна монтажа на архивски материјали – тема на нејзините неодамна завршени докторски студии“, додаваат оттаму.

Повеќе за програмата погледнете овде.