Филмската ревија со наслов „Македонски филмски класици“, како дел од наследството на „Вардар филм“, по прикажувањето во текот на октомври во Скопје, ќе биде прикажана и во 12 градови низ Македонија.
Љубителите на седмата уметност во 12 македонски градови ќе може да ги видат класиците: „Хај – Фај“ во режија на Владимир Блажевски (снимен 1987); „Три Ани“ во режија на Бранко Бауер (1959); „Среќна Нова ’49“ во режија на Столе Попов (1986); „Планината на Гневот“ во режија на Љубиша Георгиевски (1968) и „Тетовирање“ во режија на Столе Попов (1991).
„Националната установа Филмски центар ’Вардар филм – Македонија‘, како наследник на брендот ’Вардар филм‘ постои веќе две години. Познато е дека ’Вардар филм‘ како филмска продуцентска куќа постои речиси пет децении и во нејзина продукција се снимени речиси сите значајни македонски филмски дела, и анимирани и документарни и играни. Со ревијата сакаме да прикажеме барем еден мал дел од македонското филмско наследство“, вели Димо Попов, директор на „Вардар филм – Македонија“.
Филмската ревија „Македонски филмски класици“ ќе биде прикажана според следниот распоред: Делчево (10-15.11.2015), Битола (16-22.11.2015), Охрид (09-13.11.2015), Струмица (16-19.11.2015), Неготино (09-13.11.2015), Гостивар (04-10.11.2015), Кичево (02-06.11.2015), Струга (09-13.11.2015), Крива Паланка (09-13.11.2015), Прилеп (18-22.11.2015), Македонски Брод (16-20.11.2015) и Дебар (09-13.11.2015).