Со документарниот филм „Играј ја својата игра“, во Кинотеката на Македонија вечерва, 7 ноември, ќе биде отворен Филмскиот фестивал „Слобода и љубов“ посветен на 60-годишнината од Унгарската револуција, во 1956 година.
На фестивалот ќе бидат прикажани неколку историски филмови, меѓу кои и „Синот на Саул“, кој лани освои Оскар за филм од неанглиско говорно подрачје.
На првиот фестивалски ден, тема ќе биде самата револуција, но и бегалците кои биле стационирани во Македонија, во Крушево, и ќе биде прикажан филмот „Крушевските Унгарци“.
Вториот ден, како што е најавено, гостин на Кинотеката ќе биде најпопуларниот унгарски актер Шанадор Чањи.
За време на фестивалот „Слобода и љубов“ ќе биде поставена и изложба за настаните во 1956 година.