Викендов во дворот на Mладинскиот образовен форум ќе се одржи филмски маратон со култната серија „Зоната на самракот“.
Серијата (The Twilight Zone 1959–1965) е врвно телевизиско достигнување во научната фантастика, позната по невообичаени параболи и неочекувани пресврти преку кои ги истражува надежите и стравовите на човештвото. Маратонот ќе се одржува од 20 часот до полноќ, на 6 и 7 август. Притоа ќе бидат проектирани околу 15 различни епизоди од Зоната на самракот (оргиналната серија), во два блокови од по 4 часа.
„За жал, „Зоната на самракот“ е малку позната од помладата публика денес, а македонските телевизии веќе долго време не емитуваат репризи од оваа серија. Затоа одлучив да организирам дводневен филмски маратон за време на кој ќе бидат прикажани дел од најдобрите епизоди од Зоната на самракот (селекцијата е направена според рејтинзи од критичари и публика, но и според моја тотално нестручна проценка)“, појаснува организаторот на настанот.
Проекцијата е бесплатна, а епизодите ќе се прикажуваат на англиски јазик и без титл. Бројот на столчиња е ограничен поради што им се препорачува на заинтересираните да дојдат навреме, за да имаат место за седење.