Во Музејот на современата уметност во Скопје, утревечер, на 8 октомври, со почеток од 19 часот присутните ќе можат да го проследат перформансот „Не ми ги допирај очите“ и кратките македонски танцови филмови “Дома/филмот“ на Адријана Данчевска и „Витро“ на Филип Петковски.
Перформансот “Не ми ги допирај очите” се поистоветува со човекот во Македонија. Го слави животот, убавото во едноставното и гневот во постоењето. Кореографијата на перформансот е на Адријана Данчевска, а танчари се Данчевска и Дејан Битровски. Музиката е на „Артефакт“ и „Гордан Спасовски – трио“. Костимите се на Адријана Данчевска.
„Дома/филмот“ е во режија и кореографија на Адријана Данчевска, а камерите се на Марко Марјановиќ и Тео Ангеловски. Како визуелен уметник се јавува Ивана Мојсовска, додека актерската екипа ја сочинуваат Наталија Теодосиева, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Сара Цветковска, Ивана Мојсовска, Адријана Данчевска, Филип Петковски, Стела Поповска, Рената Несторовска, Иван Ангелковски и Александра Велкова.
Пост продукцијата е на Адријана Данчевска, Тео Ангеловски и Ивана Мојсовска, а се користи музика на Дебиси, Моцарт, Виктор Филиповски и Бојан Филиповски.
Филмот „Витро“ е инспириран од македонски ритуали и легенди кои ја опфаќаат природата, а филмот ги истражува живоста и трансформацијата како суштински аспекти кај движењето на човечкото тело и движење во природата.
Режијата и кореографијата за филмот е на Филип Петковски, а во филмот играат Адријана Данчевска, Мими Поп Алексова, Дејан Битровски, Матеја Јанковска и Филип Петковски.
Камерата и фотографијата се на Марко Марјановиќ, Теодор Ангеловски и Жарко Чулиќ. Монтажата е на Кирил Манчевски, а музиката е на Борис Харфман, Хрвоје Црниќ, Ерик Сати и Пјтор Илич Чајковски.