Во Музеј на современата уметност, на 15 септември од 20 часот е најавена промоција на „Re:vision” – нов албум на „ФИН Проект“.
Албумот „Re:vision” како оригинален музички израз претставува фузија на електронска музика со призвуци на џез и ворлд музика.
„На промоцијата ФИН Проект ќе изведат две композиции од албумот, а ќе биде промовиран и видео записот за песната ‘Дај некој благослов’, која како сингл изминативе два месеца високо котираше на топ-листите на македонските радио-станици, но и на неколку европски радио-станици. На оваа композиција гостуваат Васко Атанасоски („Бернајс пропаганда“), како вокал и автор на текстот и Тена Рак – вокал. Видео записот е компилација на сцени од филмот ‘Малиот бог на љубовта’ на црногорскиот режисер Жељко Шошиќ со Никола Ристановски и Нина Виолиќ во главните улоги“, стои во најавата за промоцијата.
Инаку, албумот „Re:vision” е снимен во студиото „ФИН Проект“ во Скопје и е издаден со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.
Продуцент и автор на музиката и аранжманите на сите композиции е Никола Стојковски, кој воедно е одговорен и за програмирањето на електронските инструменти, а покрај него „ФИН Проект“ се и: Александар Николовски (труба), Калина Велковска (вокал), Иван Петровски (гитара) и Филип Димишковски (клавијатури).
„ФИН Проект“ е присутен на македонската музичка сцена од 2012 година и нивниот музички концепт нуди поинаков и современ синергиски пристап изразен преку електронски аранжмани во фузија со различни стилски изрази – лаунџ звуци, фузија од ворлд музика, џез-рок и чил елементи. Досега имаат издадено три албуми.