Во сабота во Универзална сала ќе се одржи финалниот перформанс од проектната иницијатива „Ние сме најдобри“ на која средношколци од скопските училишта ќе се натпреваруваат и ќе ги претстават и своите креативни сценски настапи, а жири комисијата ке ги прогласи најдобрите по категорија.
На фестивалот средношколците се натпреваруваат по пријавените категории – музика, театар, мода, танц, филм и фотографија, при што 70 средношколски тимови од 17 скопски средни училишта ги подготвија своите уметнички производи со помош на своите професор – ментор координатори. Средношколците-учесници имаат задача да креираат уметнички производи кои се инспирирани од културата на ненасилство, но и здравата и чиста околина.
Целта на иницијативата е да им даде можност на сите посветени ученици кои сакаат да учат и да работат тимски, да стекнуваат знаења и вештини, да бидат креативни, а притоа да бидат од корист и на другите и на заедницата во која живеат, посочуваат организаторите.
Настанот се организира од Градот Скопје, Универзалната Сала – Скопје и НВО Центар за креативен развој – Скопје, е поддржана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.