Во организација на Технолошко-металуршкиот факултет денеска во Струга се одржува финалната фаза од натпреварот „Нано материјали-материјали на иднината“. Целта на овој натпревар е да се популаризира науката и техниката и да се поттикне натпреварувачкиот дух кај младите и средношколците, нивната иновативност и креативност, пренесува МИА.
Учесниците на финалната фаза од натпреварот „Нано материјали-материјали на иднината“ ги поздрави министерот за образование и наука, Панче Кралев.
„Иднината на младите луѓе е во областите кои се учат на техичките факултети. Практиката покажува дека стопанството има потреба токму од ваков кадар. Со откривањето на можностите кои ги нудат наноматеријалите, се надеваме дека голем дел од учесниците на натпреварот, ќе бидат мотивирани се запишат на овој факултет и во иднина ќе ја развиваат нанотехнологијата“, истакна министерот Кралев.
Нанологијата, според него, секојдневно на пазарот исфрла нови машини и уреди кои имаат вградено вакви соединенија или користат некои од нив за своите процеси, а овие материјали, како што потенцира, се произведуваат во новите високо-технолошки фабрики кои се дел од инвестициите што доаѓаат во Македонија.
Според деканот на Технолошко-металуршкиот факултет, Александар Димитров, основната поента на овој натпревар е да се популаризира оваа висообразовна установа, но и технолошките науки воопшто.
„Основната поента на овој натпревар е да извршиме популаризирање пред се на Техноллошко – металуршкиот факултет, но и на другите технички науки во РМ, се со единствена цел, да се зголеми бројот на млади луѓе кои ќе го продолжат своето образование на техничките факултети“, изјави деканот на Технолошко-металуршкиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, професор доктор Александар Димитров.
На финалниот натпревар „Нано-материјали-материјали на иднината“ во Струга ќе се претстават најдобрите 43 тима од 42 средни училишта, а за најдобрите три проекти се обезбедени и награди. Ова е прво натпреварување од ваков вид во Македонија кое започна да се реализира пред неколку месеци и во кое учествуваа повеќе од 250 проекти, пренесува МИА.