ФИНКИ и Факултетот за физичка култура ќе продолжат да се градат годинава, но не во барокен стил

Повеќе од единаесет години по основањето, најголемиот факултет во државата никако да добие свој сопствен објект. Бројот на студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) од година в година се зголемува, а „туѓите“ простории што ги користи институцијата и за кои плаќа кирија, стануваат премали за да ги задоволат потребите. Тесно е и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ), кој во моментов просториите ги дели заедно со уште три субјекти и е единствениот факултет за физичка култура во регионот кој нема свој спортски комплекс, пишува Новинската агенција Мета.

Новите домови во кои треба да се вселат овие два факултета при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје останаа недоградени, откако фирмата изведувач отиде во стечај. Годинава, надежите дека изградбата ќе продолжи повторно се вратија, а барокниот изглед што требаше да го добијат се чини дека ќе остане само нереализирана замисла.

Изградбата на двата објекта започна во декември 2015 година како дел од проектот „Скопје 2014“. Двете згради за кои беше предвидено да бидат во барокен стил, требаше да ги решат проблемите на факултетите кои со години опстојуваа во лоши услови. Изведувач на градбата беше фирмата „Бетон-Штип“, но откако во јули 2019 година отиде во стечај, изградбата прекина.

Просперитетни информатички науки со оскудни услови за настава

ФИНКИ е најголемата високообразовна установа во земјава – според податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС) објавени во јули минатата година, на овој факултет биле запишани 4.145 студенти. Бројката годинава се зголеми за уште околу 1.100 бруцоши, што значи дека, не сметајќи ги оние што дипломирале во меѓувреме, на ФИНКИ во моментов се образоваат речиси 5.000 студенти.

И покрај тоа што информатиката е веројатно најпросперитетната наука денес, единаесет години откако започна со работа, факултетот сè уште нема свој сопствен објект. За потребите на наставата, ФИНКИ користи простории на други факултети, што пак на професорите и студентите им создава проблеми.

Онлајн наставата изминатите две години ја омекна итноста на проблемот, но сега откако ковид-пандемијата стивна и студентите почнаа да се враќаат на настава со физичко присуство, проблемите почнуваат да испливуваат на површина.

Поради недостатокот на училници, во моментов за задолжителните предмети на ФИНКИ се одржуваат физички предавања, додека најголемиот дел од изборните предмети студентите ги следат онлајн, вели претседателката на Факултетското студентско собрание на ФИНКИ (ФСС ФИНКИ), Весела Трајковска. Според неа, училниците кои во 2019 година, пред пандемијата, биле достапни за нив, денес не се доволни. Факултетот во моментов користи простории на Технолошко-металуршкиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), а од оваа академска година и на Педагошкиот факултет.

„Најпрво, секогаш мора да бидеме флексибилни на останатите распореди за предавања и испитни сесии, како и во однос на бројот на предавални кои ни се ослободени за користење. Предавањата на техничкиот кампус се одвиваат од 8 часот сабајле до 20 часот навечер, бидејќи нема доволно училници за сите да се распоредат во рамки на класично работно време до 16 или 17 часот. Во последните неколку години сè повеќе и повеќе се зголемува бројот на примени студенти на ФИНКИ, така што училниците кои биле достапни за нас во 2019 година веќе во 2022 не се доволно, и покрај фактот што добивме плус 4 училници од Педагошки факултет“, вели Весела Трајковска.

Според неа, потребата за сопствена зграда на ФИНКИ е недебатлива и е нешто што му треба на факултетот со самото негово создавање и им следува на студентите со самото запишување.

„Кампуси на факултети за информатички науки располагаат со голем број лаборатории за користење на студентите, читални, односно простории за самостојно или групно учење, кафетерии, бифеа и така натаму. Во тие лаборатории или читални можат да инвестираат многу софтверски компании кои сакаат да се промовираат меѓу студентите, со цел да има навистина квалитетна опрема. Во моментов, сметам дека ова не се случува често на ФИНКИ бидејќи лабораториите не се наши и се привремени, па на компаниите не им е исплатливо да инвестираат во просторија која за 3 или 5 години од сега може да не биде воопшто потребна на овој кампус, бидејќи ФИНКИ се преселиле во новата зграда. Истото важи и за продавници за храна, кафулиња, ресторани и кафетерии“, вели Трајковска.

Стотици студенти, еден амфитеатар

Компјутерските науки можеби и можат да се студираат онлајн, но не и спортот. Огромна потреба да добие свои простории има и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. На овој факултет минатата година учеле вкупно 455 студенти, од кои 340 биле редовни. За теоретска настава на сите овие студенти, професорите имаат на располагање само еден амфитеатар, а во просторот каде што се наоѓа факултетот, покрај него функционираат и спортската гимназија – Државното училиште за физичка култура „Методи Митевски – Брицо“ и Спортската академија.

За потребите на дел од предметите, факултетот користи и објекти под закуп на различни локации во Скопје.

„Објектите за реализација на наставата на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје ги делиме со уште три субјекти. Особено е критична состојбата со реализација на теоретската настава каде што сме сведени истата да ја реализираме во само еден амфитеатар. Факултетот за физичко образование, спорт и здравје е единствен факултет во регионот кој нема свој спортски комплекс. За потребите на наставата по предметите Пливање со ватерполо и Атлетика користиме објекти под закуп – за реализација на предметот Пливање со ватерполо студентите наставата ја реализираат на Базенот Карпош, додека за реализација на наставата по предметот Атлетика се користи Воениот стадион и Арената ‘Тоше Проески’“, вели професорот и проректор за настава на ФФОСЗ, Борче Даскаловски.

Деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски, не одговори на прашањата на Мета.мк за тоа со какви проблеми се соочува факултетот во моментов и какви сознанија има околу изградбата на новата зграда.

Студентите на овие два факултета се надеваат дека нивните факултети ќе добијат објекти каде ќе можат да се образоваат, иако малку е веројатно сегашната генерација студенти да се „вселат“ во планираните згради кај општествениот кампус на УКИМ.

Несудениот барок

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во декември рече дека во 2023 година ќе продолжи изградбата на зградите на двете високообразовни установи. Мета.мк се обрати со прашање до Министерството за образование и наука (МОН) со прашања за тоа до каде е ваквата постапка, од каде одговорија дека ги ревидираат проектите.

„Во тек е ревидирање на проектите за изградба на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, а целта е да се отстранат одредени позиции кои се дел од естетиката на објектите, а не се поврзани со функционалноста, со цел да се намалат непотребните трошоци во услови на економска криза. Откако ќе заврши ревидирањето, ќе се спроведе и постапка за јавна набавка, со цел избор на економски оператор кој ќе ја доврши изградбата“, велат од МОН.

Според одговорот на министерството, може да се заклучи дека барокниот изглед во кој „Бетон-Штип“ требаше да ги изгради овие објекти, сепак нема да го дочека светлото на денот.

Останува да се види какво решение за изглед ќе добијат двете згради и кога ќе биде распишан тендерот за избор на компанија што ќе ја продолжи изградбата на објектите на ФИНКИ и ФФОСЗ.

Инаку, во буџетот на Министерството за образование и наука за годинава се предвидени 21,6 милиони денари за продолжување на реализацијата на оваа инвестиција.

Мета