Финска им се придружува на Шведска и Норвешка во ловењето и убивањето на волци, со цел да се контролира нивниот број. Бројни организации за заштита на животната средина упатија жалби кон Европската Унија, барајќи мерки против убивањето, пренесува „Гардијан“.
Ловџиите во Шведска веќе се приближуваат до годишната цел, односно убивање на 27 волци, додека Финска ќе дозволи убивање на 20 волци.
Норвешка ќе убие околу 60 отсто од своите волци оваа зима, односно 51 единка.
Организациите за зачувување на животната средина ги обвинуваат нордиските земји за создавање на непријателска средина за волците во Западна Европа, укажувајќи на ЕУ закони кои го штитат овој вид. Бројот на волците се зголемил во последните неколку години, но сè уште е загрозен вид во многу земји.
„Ова е страшна ситуација“, изјавила Сири Мартинсен од „Ноа“, организација за заштита на правата на животните која долго време правно се бори против заловувањето на волци во Норвешка.
„Менаџирањето со овој вид во Норвешка е надвор од контрола, па сега тие стрелаат волци бидејќи луѓето не ги сакаат. Ова е неверојатно, тие го задржуваат видот на критично ниво на загрозеност“, додала Мартинсен.
5 отсто од територијата на Норвешка е прогласена за заштитна зона каде ловот на волците е забранет. И покрај ова, 25 волци ќе бидат убиени на заштитената територија, освен ако судот не донесе одлука во корист на „Ноа“.
Волците надвор од заштитената зона во Норвешка, легално се убиваат и не се парат, бидејќи се опасни за живината и елените.
Иако Норвешка не е дел од Европската Унија, организациите за заштита на животните посочуваат дека убивањето на волци е спротивно од Бернската конвенција која го заштитува зачувувањето на европската дивина и природните средини.
„Контролата на бројот на волците е политички компромис, изгласан од парламентарното мнозинство со цел да се заштитат и волците и живината во Норвешка. Волците ја ловат живината и тоа делува врз локалното население. Тие се закана за ловџиските кучиња“, изјавил Кристијан Андон, секретарот на норвешкиот министер за клима и животна средина.
Во Шведска, организациите за заштита на животните велат дека целната бројка од 395 единки за 2020 и 2021 година е падната под дозволеното ниво.
„Шведска даде ветување кон ЕУ дека нема да дозволи бројката на волците да падне под минимумот од 300 единки. Ние ја информиравме ЕУ дека 300 единки се многу мал број. Шведска има територија која може да биде живеалиште на над 1000 волци. Политичарите во Норвешка, Шведска и Финска се под влијание на гласните ловџиски организации. Не постојат фарми во близина на живеалиштата на волците кои треба да бидат заловени зимава“, изјавил Магнус Оренбренд, дел од невладина организација за зачувување на животната средина.