Во летното кино на Кинотека, од 10 до 13 август ќе се одржи овогодишното издание на Флипбук Филм Фестивал, кое годинава е во знакот на 100 годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов.
Фестивалот ќе биде отворен со премиерата на омнибус четири анимирани филмови инспирирани од творештвото на Шопов, во режија на Иван Ивановски, Крсте Господиновски, Владимир Лукаш и Жарко Иванов.
Во другите три вечери ќе бидат прикажани близу 100 филмови во четири натпреварувачки програми и панорама на европски анимиран филм.
За време на фестивалот ќе бидат претставени изложби на цртежи и колажи од анимирани филмови и флип-бук тетратки изработени од учениците во средното- уметничко училиште Лазар Личеноски, а организаторите посочуваат дека влезот на филмските проекџии и фестивалските настани е бесплатен.
Во главната селекција за најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 14 наслови, најдобрите европски остварувања од минатата година: „Oneluv“ на руската авторка Варја Јаковлева, овогодинешниот победник на Анимафест, номинираниот за Оскар „Трговци со мраз“ на португалецот Жоао Гонзалез, и македонскиот анимиран филм „Безбојно огледало“ на Бесар Илјази.
„Во категоријата за најдобар студентски анимиран филм ќе се натпреваруваат вкупно 19 филмови од хрватската, британската, унгарската, белгиската школа и два македонски филмови, ‘Нонсенс’ на Ангела Грозданов, дипломски филм направен на катедрата за анимација на Еуропа Прима во Скопје и ‘Chill Stacy, chill’, филм на Тамара Таскова направен на нејзините филмски студии во Словенија“, посочуваат организаторите.
Во рамки на на натпреварувачката селекција на анимиран документарен филм, ќе бидат прикажани наградуваните „Сексуалниот живот на баба ми“ на Уршка Ѓукиќ, „Артефакти за тебе, артефакти за мене“ на Белгиецот Брехт де Кок, францускиот „Box Cutters“ на Наоми Ван Ниекерк. Во селекција на анимирани музички спотови, ќе бидат прикажани вкупно 19 анимирани видеа меѓу кои и два македонски, на Андреј Марјановиќ и Никола Радуловиќ.
За наградите од главната селекција и селекцијата на музички видеа ќе одлучуваат Надја Андрашев од Унгарија, продуцентка и режисерка на повеќе наградувани анимирани филмови, Марко Дјешка од Хрватска, наградуван режисер и стрип автор и основач на познатото студио за анимација Адријатик и Гоце Цветновски, македонски автор на анимирани и играни филмови.
За наградите од селекцијата на анимирани документарци и студентската селекција, ќе одлучуваат Михал Бобровски од Полска, професор и теоретичар на филм, автор и приредувач на неколку значајни книги од областа филмот, Арба Хаташи од Косово, директор на фестивалот за анимиран филм Анибар и Наташа Андонова, македонска аниматорка, сликарка, илустраторка и филмски и театарска костимографка.