Архивското одделение Битола годинава добива шанса да го отпочне процесот на дигитализација на „Фондот 580 Браќа Манаки“ кој претставува збирка од големиот творечки опус на браќата Милтон и Јанаки, односно на 20.000 фајлови од целокупниот материјал, со помош на грантови и долги преговарачки процеси.
Раководителот на одделението во Битола од Државниот архив Гоце Стојановски вели дека фондот е откупен во 1965 година од тогашниот Околиски архив и повеќе од пет децении е најистражуваниот и најексплоатираниот фонд во нивото одделение.
„Целокупниот архивски материјал во фондот е богат и колоритен. Вкупниот број на ваков материјал кој го поседуваме е околу 7.000 стаклени плочи, негативи, 3.000 рол и план филмови и околу 10.000 оригинални фотографии“, вели Стојановски за Радио МОФ.
Освен негативи, рол и оригинални фотографии, во шесте архивски кутии што денес се чуваат во архивското одделение, сочувани се различни документи. Како што објаснува Стојановски таму има преписки, лични документи, трговски книги, а тука се и најголемите признанија, награди или дипломи на браќата Манаки, како онаа од романскиот крал Карол I или југословенските за животно дело и слично.
„Иако меѓународно се познати како први сниматели на Балканот сепак нивната фотографска дејност е многу поголема и според мене, можеби и позначајна. Тие се сниматели, но пред сè фотографи и тоа во најтурбулентниот период во историјата на човештвото, па така низ нивниот фотографски опус ќе го видиме и лицето нa војните, национално ослободителните движења, архитектурата, трговијата, образованието, големите политички настани и превирања, градскиот или селскиот живот, обичаите па би рекол дури и природата и што уште не“, вели Стојановски.
Битолскиот архив веќе со децении ги чува и заштитува и оригиналните предмети што Манаки ги користеле за работа. Таму е Камера 300, различни фотоапарати, рамки за стаклените плочи, нож кој бил користен за сечење на хартија, мало грамофонче кое има посебна приказна за што, од архивот претпоставуваат е поврзана со нивната фотографска дејност. Таму е и проекторот што се наоѓал во нивното кино и со кој битолчани можеле да ги проследат филмските хитови во 1920-30 година.
Од архивот велат дека со соодветна опрема и соодветна обука на вработените до 2024 година ќе може да го дигитализираат и последниот рол, план филм или последната стаклена плоча. Грантот за дигитализација на „Фондот 580 Браќа Манаки“ е доделен од фондацијата „Аркадија“ што ќе се одвива преку програмата „Endangered archive“ на британската библиотека.
„Дигитализацијата на најзначајниот фонд во Битолскиот архив првично ќе значи заштита на оригиналниот архивски материјал. Манипулацијата со истиот ќе биде сведена на минимум или речиси ќе биде непотребна. Понатаму, дигитализацијата што ја овозможува оваа програма ни дава можност да се користи платформата на ‘Endangered archive program’ на британската библиотека што ќе овозможи побрз проток на информации кај истражувачите во светот“, посочува Стојановски.
План-проектот за обавување на дигитализацијата значи дека целиот материјал што откако ќе биде отпакуван, скениран и обработен со метаподатоци, повторно ќе се спакува во специјална хартија што ќе го заштити од надворешни влијание. Стојановски вели дека целиот материјал ќе биде сместен во депото на архивот, каде ќе е заштитен од влага, а притоа ќе бидат набавени соодветни уреди за одржување.
„Процесот ќе го однесе името на Манаки и на Битола на глобално ниво, ќе бидат предмет на истражувања и во областа на фотографијата, историјата, архитектурата, етнологијата и што уште не. Впрочем, тоа била нивна визија кога твореле и со самото тоа што го зачувале своето творештво и го предале во нашата институција чувствуваме одговорност да ја одржуваме во живот нивната визија. Честопати велеле дека еден ден ќе се зборува за нив, за нивното творештво и навистина е така, зборуваме за нив веќе не само како за локални херои кои ја донеле првата камера на Балканот“, истакнува Стојановски.
Раководителот на архивот забележува дека и претходните нивни колеги внимателно се грижеле за творештвото на браќата Манаки. Исто така, како што вели тој за Радио МОФ, за процесот на дигитализација наишле и на поддршка од Министерството за култура и директорот на Државниот архив.
Стојановски смета дека „Фондот 580“ е на пат да го добие својот статус на заштитено културно наследство. Според него, именувањето на творештвото со таквиот статус ќе значи дека истото ќе стекне уште поголема популарност во светот, а и како што вели ќе ја презентира државата бидејќи се вклопува во сликата за македонските културни вредности.
„Дигитализацијата е неминовен процес. Што се однесува до битолското Одделение се разбира како и секаде, има потреба за комплетна дигитализација и веќе со опрема која ја добивме последните неколку години работиме на помали фондови и на аналитичкиот инвентар да биде достапен во дигитална форма, но ‘Фондот 580 Браќа Манаки’ со својата комплексност и важност е приоритет. Тоа не значи дека паралелно нема да продолжи да се работи на другите фондови или збирки“, посочува Стојановски.
Тој додава дека неодамна во битолското одделение бил дигитализиран и аналитичкиот материјал на Збирка фотографии, а во моментов се работи на Збирка битолски Евреи со еден малку поинаков пристап, се средува периодиката, а се предвидува и целосна дигитализација на Збирката издвоени документи.
Реализирањето на процесот на дигитализацијата на архивските материјали е од голема важност за зачувување на она што претходно било создавано. Радио МОФ претходно пишуваше за позицијата во која се наоѓа дигитализацијата на медиумскиот архивски материјал и важноста од нејзиното реализирање.