Од Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) соопштија дека обезбедиле донација од 100 илјади долари за итна хуманитарна интервензија за загрозените ромски семејства од Северна Македонија кои се социјално и економски најдиректно засегнати од здравствената криза поради епидемијата со коронавирусот.
„Од исклучителна важност во овие моменти е да се обезбеди соодветната поддршка за најранливите групи на граѓани и тоа преку зголемување на можноста за одржување на редовна хигиена и дезинфекција, но и преку поддршка во храна во периодот на изолација. За таа цел, ФООМ во соработка со Црвениот крст на Република Северна Македонија обезбеди хуманитарни пакети со храна и средства за хигиена кои се доволни во период од еден месец да служат за потребите на едно семејство со 4 до 6 членови. Со активноста ќе се опфатат околу 10.000 граѓани од ромската заедница, односно околу 2.000 семејства кои живеат во скопско Шуто Оризари, Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Куманово, Делчево, Виница Пехчево и село Црник“, информираа од ФООМ.
Тие додаваат дека дистрибуцијата на хуманитарните пакети ќе започне во петок, 3 април, со посета на 400 семејства од Скопје. Во сабота е планирана посета на дополнителни 400 семејства, исто од Скопје, а веќе од понеделник, 6 април, хуманитарните пакети ќе се дистрибуираат и ќе стигнат до домовите на ромските семејства низ државата. Дистрибуцијата на хуманитарните пакети ќе заврши најдоцна на 10 април.
„За непречено одвивање на активноста, Црвениот крст на Република Северна Македонија на терен ќе соработува со шест граѓански организации кои се активни и препознаени во ромските заедници. Романо Чачипе, ИРИЗ – Скопје, Сонце – Тетово, Станица П.Е.Т. – Прилеп, НРЦ – Куманово, НВО КХАМ – Делчево, ХОПС – Скопје и Центарот за деца на улица – Шуто Оризари помогнаа да се идентификуваат потребите на најпогодените ромски семејства и ќе ја помогнат дистрибуцијата на хуманитарните пакети“, додаваат од ФООМ.