Група на 26 невладини организации, здруженија на граѓани и високообразовни институции кои се залагаат за заштита на животната средина, во соработка со Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) формираа Граѓански инспекциски совет (ГИС), информираат од Институтот за комуникации.
Оттаму велат дека ГИС е формиран поради потребата за поефикасна соработка на ДИЖС со граѓанскиот сектор и граѓаните, како централна институција за контрола и казнување на загадувањето и уништувањето на животната средина.
„Во својата соработка, ГИС и ДИЖС ќе се раководат според потребата од постојано унапредување на состојбата со заштитата на животната средина и остварувањето на начелото на владеење на правото. Преку граѓанскиот активизам треба да се помогне за побрзо и поефикасно справување со сериозните загадувања на животната средина и на недоволниот капацитет на институциите да се справат со нив поради малиот број инспектори и стручни кадри“, велат од ИКС.
Оттаму дополнуваат дека соработката меѓу ГИС и ДИЖС треба да придонесе за размена на знаења и искуства, но и за поголемо граѓанско влијание врз Инспекторатот и другите јавни институции за подобрување на инспекцискиот надзор и намалување на загадувањето.
„Инспекторатот за животна средина преку поддршката од Граѓанскиот инспекциски совет ќе има можност да ги користи капацитетите на невладините организации и високообразовните институции кои се членки на ГИС и да споделуваат информации и експертиза во насока на решавање тековни проблеми во надзорот во животната средина“, велат од ИКС.
Оттука, соработката помеѓу ГИС и ДИЖС би предвидувала правење на заеднички анализи и давање предлози за измени на одредени закони и подобрување на инспекцискиот надзор, како и да поттикнување дебата за различни прашања поврзани со заштитата на животната средина.
„Граѓанскиот инспекциски совет треба да има увид и можност да влијае врз работењето на ДИЖС, да ја користи својата експертиза во одредени области за решавање на замрсени случаи, но и да поднесува барања, приговори и тужби до одредени институции и носители на функции кои не постапуваат според законите за заштита на животната средина и за тоа да ги известува граѓаните“, се вели во соопштението.
Организации основачи на Граѓанскиот инспекциски совет
Зелен институт
Институт за комуникациски студии
О2 Иницијатива
Еко свест
Македонско здружение на млади правници
Флорозон – Центар за еколошка демократија
ЕЗ Здрава котлина – Струмица
Еко долина
ЗЗУЖС Еко живот – Кавадарци
Институт за биологија при Природно-математички факултет
Македонски центар за меѓународна соработка
Движење на екологистите на Македонија
ЕД Вила Зора
Институт за европска политикa
Центар за економски анализи
Центар за правни истражувања и анализи
Здружение на граѓани Еко логик
Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – С. Македонија
Арт Поинт Гумно
Здружение за социјални иновации и одржлив развој РАДАР
Наша добра земја
НВО Green.оrg
Новинари за човекови права
Water4changes-Вода за промени, Global Shapers Skopje Hub
Центар за управување со знаење
Национален Ромски Центар