Формиран Совет на млади во Гостивар

Членовите на ова тело ќе имаат за задача да даваат предлози со кои би се променила или би се зајакнала работата на општинскиот совет, како и да го подобрат живеењето на младите во градот. На првата, свечена седница во општинската зграда поздравен говор пред пристуните одржа претседателот на Советот на млади, Атиба Арифи.

Формиран Совет на млади во Гостивар

„Самата иницијатива за формирање Совет беше многу мотивирачка и ме натера да бидам дел од него. Самиот факт што сме прва општина што формира вакво тело со цел да се слушне гласот на младите, нивните потреби и барања. Поради таа причина треба да имаме максимална поддршка од страна на младите. Нам ни преостанува со волја, работа и ентузијазам да го вратиме живот на младите во нашата општина, особено во областа на образованието културата и на спортот”, вели Арифи.

Градоначалникот Невзат Бејта вели дека општина Гостивар е прва што одлучува да ги слушне барањата и потребите на младите. Според него, Советот е одлична можност тие да ја вратат гордоста во градот преку културни, спортски, едукативни активности и преку градење развојни стратегии и политики за младите, знаејќи што нив најмногу им недостига.

„Младите отсекогаш биле главната артерија, срцето и духот на градот. Како градоначалник сум многу посветен врз работата со децата и младите во Гостивар. Сите активности што ќе бидат во интерес на младите и на граѓаните ќе ја добијат нашата максимална поддршка“, потенцираше Бејта.

Младинскиот совет во Гостивар брои 11 членови, од кои четири се претседатели на средните општински училишта, а останатите се избрани преку јавен оглас.

Овие лица, на волонтерска основа ќе имаат задача да го зголемат квалитетот на живот кај младите на повисоко ниво.

На свечената седница на Советот на млади во салата на Општина Гостивар, присуствуваа директори на средните училишта, општинската администрација и ученици од средните училишта.

Г.М.