Во Собранието на Република Македонија се одржа конститутивната седница на Интерпартиската парламентарна група која ќе работи на унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. На настанот беа присутни пратеници, амбасадори и претставници на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија. За прв пат во историјата на Македонија, пратениците во Собранието јасно и гласно покажуваат дека се претставници на сите граѓани без разлика на нивната сексуална ориентација и родов идентитет.
Мисијата на Интерпартиската парламентарна група е да се застапува за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, користејќи ги достапните механизми на Собранието на Република Македонија со цел градење на општество во кое сексуалната ориентација и родовиот идентитет нема да претставуваат пречка за целосно уживање на човековите права и слободи.
Во Групата членуваат 13 пратеници од постојниот собраниски состав од различни политички партии и тоа, Лилјана Поповска (ДОМ), Маја Морачанин (ДОМ), Бранко Маноиловски (ДУИ), Павле Богоевски (независен пратеник), Ивана Туфегџиќ (независна пратеничка), Ирена Стефоска (независна пратеничка) Јулијана Николова (ЛДП), Никица Корубин (ЛДП), Петар Атанасов (СДСМ), Јагода Шахпаска (СДСМ), Соња Мираковска (НСДП), Славица Шуманска Митева (СДСМ) и Александар Кирацовски (СДСМ).
На средбата се обратија координаторката на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето Маја Морачанин и заменик-координаторот Павле Богоевски.
Драгана Дрндаревска, пак, ја презентираше „Процената на знаењето, ставовите, практиките и потребите на пратениците во Собранието на Република Македонија во врска со човековите права на ЛГБТИ луѓето и заштитата од дискриминација“, спроведена од членки на Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија во 2017 година во рамки на проектот „Собранието и локалната самоуправа во унапредувањето на правата на ЛГБТИ“ со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија во Република Македонија. Еден од заклучоците од анализата е дека „пратениците од парламентарното мнозинство и повеќето од пратениците од албанските политички партии даваат поддршка за заштитата од дискриминација, насилство и говор на омраза кон ЛГБТИ луѓето“.