Форум за образовни промени: Кочо Анѓушев преку компанија на адвокати од САД се обидува да ги замолчи активистите

Злоупотребата на службената должност за финансиска добивка е дефиниција за корупција, а оној што ги врши овие дејствија е корумпиран, ненаситен и нечесен. Ова е убедувањето на Форумот за образовни промени, од каде велат дека сè уште не се родил човек, било да е моќник, олигарх или политичар, кој би можел да ги поколеба во ова убедување.

„Кочо Анѓушев, лицето што се наоѓа на американската црна листа за сериозна корупција, преку адвокатска компанија од САД, испрати писмо со кое ‘им наредува на активистите од Форумот за образовни промени да престанат да го користат името на Анѓушев во нивните активности’ и доколку не ја почитуваме нивната наредба, како што велат во писмото ‘ќе преземат други мерки’“, соопштува Форумот. а

Од таму посочуваат дека писмото од адвокатите пристигнало во нивните канцеларии само неколку дена по герила акцијата на Машинскиот факултет, каде што симболично преку транспарент ги повикаа студентите „да побараат совети и трикови од нивниот професор за најлесниот начин да завршат на американската црна листа“.

„Адвокатите, меѓу другото, најавуваат дека ќе поднесат жалба против нас пред институциите на САД. Но, да ве потсетиме дека Форумот за образовни промени не функционира под наредба, затоа: На Кочо Анѓушев не му е местото на Универзитет, На Кочо Анѓушев не му е местото на Универзитет, На Кочо Анѓушев не му е местото на Универзитет. Три, четири, пет, илјада пати ќе го повториме истото, бидејќи цврсто веруваме дека луѓето за кои САД имаат докази дека ја злоупотребиле службената должност, треба да бидат што подалеку од студентите“, нагласуваат од Форумот.

Според Форумот, секогаш кога некој богат човек ќе се обиде да ги искористи државните институции за да ги замолчи активистите, демократијата е во опасност.

„SLAPP-тужбите имаат за цел да цензурираат и заплашуваат активисти – но, нека му каже некој на Анѓушев дека активистите од Форум за образовни промени не само што не се плашат од овие постапки, туку тие само нè мотивираат да продолжиме“, се вели во соопштението.

Анѓушев е лице инволвирано во сериозна корупција, велат тие, посочувајќи дека тоа не е нивно тврдење, туку на извештајот на Стејт департментот, кој според Форумот е крајно релевантен извор.

„Тој, заедно со своите адвокати, бидејќи нема моќ и капацитет да се соочи со вистинскиот извор на оваа изјава, се обидува да ги заплаши и цензурира активистите од граѓанското општество. Освен тоа, членовите на Форум за образовни промени во последно време добиваат сомнителни заканувачки телефонски повици и пораки. За сето ова, Форумот ги извести сите амбасади и странски организации во земјата, вклучително и релевантните државни институции. Нашите напори за градење универзитети со нулта толеранција за корупцијата ќе продолжат“, соопштуваат од Форумот.