Штипјани го избраа образованието како приоритетна тема за новите проекти кои во рамките на програмата „Форуми во заедницата“, треба да се спроведат во Штип. На првата форумска сесија која се оддржа во ОУ „Тошо Арсов“ присуствуваа голем број заинтересирани граѓани, претставници на институциите и граѓански организации, а поддршка даде и градоначалникот Илчо Захариев.
Тие разговараа околу идеите и можностите со средства од Швајцарската агенција за развој да се финансираат проекти избрани од граѓаните. Во рамки на програмата, Штипјани самите бираат каков проект сакаат да биде реализиран во нивната општина, што воедно е услов за да се добијат парите од Швајцарската агенција.
Притоа општина Штип дава 2,4 милиони денари, а уште толку ќе вложи и Швајцарската агенција за развој, со што вкупната сума со која ќе се реализира проектот избран од граѓаните изнесува 4,8 милиони денари. Доколку општината одлучи, може да даде повеќе пари.
Принципот на дискусија на темите битни за граѓаните на заедницата се одвива преку т.н работни маси на кои тие ги застапуваат и елаборираат своите интереси. Граѓаните на овој начин активно се вклучуваат со давање на идеи и предлози и формираат неформални, а потоа и формални партнерства.
Инаку, програмата „Форуми во заедницата“ има за цел да го поддржи процесот на децентрализација во Република Македонија и да им овозможи на граѓаните да учествуваат во развојот на локалната заедница. Граѓаните преку програмата имаат можност да си го подобрат секојдневниот живот со сопствени идеи и учество во општествениот живот, а администрацијата да го развие локално управување преку доверба и одговорност.
Медиа арт клуб „Актив“ – Штип