Од споменик на природата во споменик на негрижата. Арборетумот во Општина Гази Баба, во близина на скопското село Трубарево е пример како нешто грижливо формирано и одржувано со децении, во денешното раскрчмено општество станува рефлексија на истото, запуштено и предмет на грабање, реагираат од „О2 Иницијатива“, објавувајќи и фотографии од овој заборавен локалитет во Гази Баба.
Еко-активистите појаснуваат арборетумот е оформен во 1953 година од Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје за научни истражувања и настава во природа. Во него се засадени околу 600 вида од нашата автохтона дендрофлора и од сите континенти, посебно од Европа, Азија и Северна Америка, на површина од 3.3 хектари.
Се наоѓа помеѓу два споменици на природата, локалитетите Острово, остаток од поранешното острово на Вардар и Езерце. И самиот е прогласен за споменик на природата во 1965 година.
„Состојбата што ние ја видовме е очајна, од прекрасна природа, исполнета со црцор на птици до остатоци од некогашните објекти, кои се уништуваат и разграбуваат, расфрлен градежен шут и мирис на стока од диво направено трло за овци на самиот влез во Арборетумот. Ретки дрвја и бабмус се сечат затоа што нема никој да го заштити ова ретко природно богаство кое го имаме во близина на главниот град на државата“, соопштуваат еко-активистите.
Тие потенцираат дека пред 4.5 години Министерство за образование и наука ги повлекло средствата за одржување, додека Шумарскиот факултет во Скопје при УКИМ нема средства да го одржува и оставено е да пропаѓа и се разграба.
„Срам е за една држава до толку да се нема средства да се одржи нешто во кое се вложувало и се одржувало над 60 години, да се нема да се заштити заштитеното подрачје“, се вели во реакцијата.
„О2 Иницијатива“ прашува чуму прогласување на споменици на природата кога нема кој да се грижи за нив?
Состојбата и со Острово и со Езерце, уникатни екосистеми е поразителна. Ѓубре, градежен шут, истурање на отпадни води во нив. Како споменик на целата наша државна негрижа за вистинските вредности останала да сведочи таблата за ‘Споменикот на природата на РМ’“, реагираат еко-активистите.
Според нив, градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски, не презел ништо да го спречи ова.
„Наместо да се наплаќа влез во овие локалитети, наместо промоција на ретките убавини што ги има во себе Гази Баба, нему фокусот му е во градење на што повеќе нови згради, трговски центри и отворање на нова индустрија, како таа за топење на цинкова прашина за која јавната расправа уште ја чекаме“, се вели во реакцијата.
Фото: „02 Иницијатива“