Германска прецизност и вонвременско искуство, се веројатно зборовите со кои може да се опише синоќешниот концерт на култните „Крафтверк“ во Скопје. Четворката покажа дека годините не значат ништо, а нивниот звук дури и од седумдесетите, се уште звучи свежо и неповторливо.
По 13 години од нивниот последен настап во Македонија, за многумина од публиката концертот беше „blast from the past“, кога „Крафтверк“ се слушаа на касети и винили. За помладата генерација, пак, концертот беше ново искуство.
Концертот започна како што беше очекувано, во точно 20 часот и триесет минути, неочекувано за голем дел од скопската публика која го чека последниот момент за да влезе во салата. Германските ветерани на електронската музика „слетаа“ во Вип Арената на „Борис Трајковски“ со својот вселенски брод и со моќниот безвременски звук на машините, ја катапултираа публиката во еден поубав универзум. Публиката ги слушна хитовите како „Radioactivity“, „The Model“, „Tour de France“, „Music non stop“, „Autobahn“, а кулминацијата се случи кога се спушти завесата, а сцената ја заземаа роботите во црвени кошули со вратоврска, со секогаш успешната изведба на „The robots“.
Дел од атмосферата што ја долови публиката може да ја погледнете во продолжение:
Kommen sie bitte… Und listen to Kraftwerk in #Skopje #ElectronicMasterminds pic.twitter.com/TWKZtl9HB6
— Vlera Gjakova (@VleraGjakova) February 27, 2018
Aliens in #Skopje #Macedonia #Kraftwerk concert #3Dtour pic.twitter.com/XPGIRyK4tN
— Mirce Jovanovski (@mirce59) February 27, 2018
#Kraftwerk #concert #Skopje pic.twitter.com/ZqdHFpFl9U
— Bojan Blazevski (@moskvichdizeel) February 27, 2018
Музичкото наследство на „Крафтверк“ кое синоќа имавме прилика да го слушнеме е вонвременско и вонземско. Нивниот експериментален пристап ги постави столбовите на модерното техно. Во своите 50 години постоење Крафтверк објавија десет студиски изданија, како и компилациски и два лајв-албуми, од кои последниот „3-D The Catalogue“ го објавија лани.
Ј.Ј./Е.П.