Користејќи го убавото есенско време деновиве, Спеленуркачкиот клуб „Врело“ од Скопје организираше и беше носител на еколошка акција за чистење на отпад во месноста Крапа, општина Македонски Брод.
Како што велат од „Врело“, како и секоја година, така и оваа го исполнува својот календар на еколошки активности, кој овојпат беше на понорот Крапа.
„Со цел да може да се истражи подлабоко овој понор, за кој веруваме дека завршува со водена површина, за сите понататамошни активности, мораше прво да се овозможи влез во понорот, кој на жал од насобран отпад не дозволуваше да се влезе ни на самиот почеток на понорот. Затоа, спелеонуркачите од Врело се организираа со свои финансиски средства, и извадија повеќе од 50 вреќи пластичен отпад, како и организираа транспорт до депонија на истиот во соработка со Комуналното претпријатие од Македонски Брод.Со тоа, влезот на понорот сега е делумно достапен и може да се продолжи со понатамошни спелео истражувачки активности и еко акции“, информираа од „Врело“.
Според годишниот план и програма на клубот „Врело“, овие акции се одвиваат доста често на отворени или затворени водени површини во земјава, но за првпат овојпат на Крапа, која е една од потенцијалните спелеолошки локации за подводно истражување и спелеолошко мапирање на истата.
Фото: „Врело“/Фејсбук