Неформалната активистичка група “Штип Aрт Aктивизам” постави повеќе реквизити во паркот во месноста „Пролече“ во Штип преку кој најмладите ќе можат да се забавуваат и едуцираат.
Исталацијата насловена „Децата заслужубаат повеќе“ се состои од четири животни, а активистите преку неа сакаат да им покажат на граѓаните, носителите на одлуки и локалните власти дека постои недостаток на вакви игралишта и зелени површини и дека децата заслужуваат повеќе внимание со поубави простори за релаксација и едукација, особено на најранливите дечиња.
„Инсталацијата се состои од четири животни изработени по калап од цемент и обоени во оригинални бои – жирафа, желка, нилски коњ и мече. На сите животни освен објаснување на македонски и англиски ќе има и објаснување со брајова азбука за да можат децата со проблеми со видот да научат нешто за животните. За изработка на животните беа ангажирани професионалци и уметници кои ја доловија оригиналната форма на животните. За спроведувањето на активностите се правени претходни истражувања и се контактирани дефектолози, уметници, активисти, претставници на здружението “Сплотени срца “ од Штип, здружение на родители на деца кои се соочуваат со потешкотии во развојот. Особен придонес за спроведување и создавање на оваа инсталација има претседателот на здружението “Сплотени срца”, Зоран Мијалков. Тој даде значаен поглед на специфичните потреби на децата и на тоа како може да се задоволат потребите за безбедност, но и за забава“, објаснуваат од Штип Арт Активизам.
Од иницијативата апелираат граѓаните да ги чуваат зелените површини и детските игралишта и преку одговорното однесување заедно да допринесат за поубав Штип.