Платформата „Симпозиум“ преку социјалните мрежи објави две фотографии со базени над куќи во стариот, заштитен дел на Охрид.
Донка Барџиева Трајковска, дел од Платформата и која од 1978 година работи на заштита на културно наследство, за Радио МОФ вели дека е зачудена што двата базени се изградени во срцето на старото градско јадро.
Ова според неа се случува на 200 метри од Завод-Музеј Охрид.
Старото јадро, вели таа, е со посебен закон прогласено за културно наследство од особено значење, па ваквите интервенции се недозволени.
„Секој еден објект, од старите градби што постојат на местото, ако сака да интервенира со било какви поправки, мора да обезбеди конерваторско одобрение од Управа за заштита на културно наследство, по претходно конзерваторско мислење од Завод-Музеј Охрид. Тоа се надлежностите на институциите. Видлива е деградација… Само погледнете ги крововите – се’ ќе ви стане јасно. Секаде има надградби, доградби, сончеви колектори… Останав без зборови. Сепак тоа е светско наследство“, забележува Барџиева Трајковска.
На ваквите активности реагираше и иницијативата Охрид СОС. Активистите прашуваат – „До кога ќе се преправаме дека институциите задолжени за културното наследство и старото градско јадро си ја вршат работата?“.
„До кога носителите на јавни функции ќе носат розеви очила и зборуваат дека сè функционира одлично и никој не е поштеден во ‘офанзивата’ која ја преземаат? До кога едни не ќе можат ни ќерамида да променат со децении додека други можат да прават што сакаат? Според кои закони и правила делуваат Завод-Музеј Охрид и Управа за заштита на културно наследство? Зошто молчат Министерство за култура и Владата? Ниедна партија во предизборните каравани не ги спомена овие девијации. Каква еднаквост пред законите има овде?“, се вели во објавата на Охрид СОС.
Радио МОФ испрати прашања до официјалните мејлови на Завод-Музеј и Управата, но до објавување на текстов не добивме повратен одговор за ситуацијата на терен и дали се преземени активности.
Изминатиов период се актуелни дивоградбите, справувањето со разни платформи и објекти, па Барџиева Трајковска преку Платформата „Симпозиум“ прашува зошто се постапува спротивно на препораките на УНЕСКО?
Во ова време на пандемија, вели таа, да сакавме можевме многу да научиме како ни се враќа преголемата експлоатација на културното и природното налседство.
„И додека другите држави го смирија темпото на живеење и воведоа строги мерки, во Охрид никнаа параптечиња и ресторанчија на брегот од атрактивните локации. Разбирливо е дека не можеме да се споредуваме ниту со Венеција, Фиренца или Дубровник, но статусот на светско наследство сепак не’ обврзува како држава нешто да направиме. Притоа, не мислам на формални, декларативни, непродуктивни мерки од типот ‘еве донесовме закон и план за управување’“, е ставот на Барџиева Трајковска.
Според неа, токму носењето на формални, нефункционални и штетни закони, закони полни со „дупки“ и можности за „поинакво толкување“ и манипулирање со одредени членови во комбинација со нефункционални институции, овозможиле Охрид и охридскиот регион да се „истурка“ од една и да се ставиме на друга листа.
„Овој пат на Листата на светско природно и културно наследство во опасност! И да бидеме реални. УНЕСКО само ги следи нашите постапки и негрижа кон светското наследство и само ги формализира последиците од нашиот однос! Ние, односно нашата држава членка на Конвенцијата за светско наследство е одговорна за состојбата во која денес се наоѓа Охрид. Затоа што државата, институциите на системот ги носат законите и истите тие потоа не ги спроведуваат, ги заобиколуваат или ги дезавуираат“, смета Барџиева Трајковска.
Владата разреши членови на Комисијата за УНЕСКО од Охридскиот регион. Меѓу нив беше и Барџиева Трајковска. Таа саркастично ја поздрави ваквата одлука:
„Одличен потег на Владата! Во услови на епидемија мора да се отстранат сите кои на било каков начин можат да ја загрозат!“, напиша таа.
Радио МОФ периодов пишуваше и за реакциите на граѓаните за разни објекти и дивоградби долж најстарото езеро во Европа. Особено што Општинскиот регистар покажа дека Охрид има 1.076 дивоградби, од кои 409 се во заштитениот појас. Роковите за исполнување на препораките од УНЕСКО одамна се изминати. Досега надлежните исполнија само дел од административните задолженија, но останаа проблемите со инфраструктурата.
По критикита на јавноста, пред 15-ина дена на крајбрежјето во Охрид кај плажата Немо, се отстрануваше урбана опрема и остатоци од објекти. Од Општина Охрид претходно најавија дека вакви активности ќе се спроведат од потегот од Горица 3 до Специјализираната болница во населбата Свети Стефан.
Претходно, Владата на 9 јуни ја дополни и Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба. Со ова, газдите на плажите, на кои им е истечена концесијата и со години работат на диво, требаат да ги отстранат опремата и објектите, а плажите да ги вратат во првобитна состојба. Одлуката беше поздравена од охридскиот градоначалник Константин Георгиески, тврдејќи дека со ова „конечно ќе се стави ред во искористувањето на крајбрежјето на Охридското Езеро за туристички цели, кое се провлекуваше како проблем, години наназад“.
Бојан Шашевски