[Фото] „Центарски улици“ со живи статуи

На улицата „Македонија“ во центарот на Скопје вчера „никнаа“ четири нови статуи кои се движат, смешкаат и повремено менуваат позиции.

Живите статуи се дел од актерите на независниот театар „Театроск“. Тие вчера под името „Центарски улици“ на неколку часа беа движечки скулптури што ги поздравуваа најпрво збунетите минувачи, а потоа се фотографираа со нив и им се заблагодаруваа на поздравите.

Групата актери вчера се врати од меѓународна турнеја, а по посетата на повеќе држави велат дека има различни места и градови, но луѓето, во овој случај публиката е речиси секаде иста.

„Секаде има и добра и лоша публика. Актерите се навикнати на тоа, немаат никаков проблем со тоа кој доаѓа околу нив. Кога излегуваш да правиш театар на улица свесен си за предизвикот дека можеш да наидеш и на непредвидливи посетители, но актерите се научени да не реагираат. Ако треба да одвојам град каде има најдобра публика, би рекол дека нема таков. Секаде има има и убави и малку поубави  луѓе“, вели за Радио МОФ Војо Цветановски, актер и основач на „Театроск“.

На прашањето дали има интерес за уличен театар кај младите актери, Цветановски вели дека постои, но сепак, според него ваквиот перформанс бара подготвеност и најпрво треба да се разговара што значи да си актер на улица.

„Актерите многу растат и учат на улица. Ние работиме и претстави во театар. Секогаш кога правиме проба во театар им велам: ‘Чувствувате ли сега колку ви помага улицата?’ Затоа инсистирам младите деца што доаѓаат од факултет да се пробаат и на улица еднаш-два пати. Низ тебе како актер поминува филтер за процесот на градење на лик. Имаш простор да маневрираш, имаш простор да пробуваш многу работи. Затоа што тука се сите луѓе. На театар доаѓаат луѓе кои купиле билет со цел да ја гледаат претставата, додека тука се сите луѓе во Скопје“, забележува актерот.

„Центарските улици“ ќе настапат и вечерва во поголем број, а како што најавија, ќе има и забава со диџеј.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

Ангела Бошкоска
Фото: Радио МОФ