Со чадори, капи и кабаници денеска на дождот се собраа граѓани пред Основното јавно обвинителство (ОЈО), каде иницијативите Зелен хуман град и Шанса за Центар одржаа протест против изградбата на висококатниците спроти „Холидеј ин“.
„Чист воздух од бетон не бива“ и „Уште колку воздух ни остана“ беа дел од транспарентите со кои побараа веднаш да престанат градежните активности. За локацијата бараат да се распише меѓународен конкурс со кој ќе се гарантира зелено и хумано решение, а институциите да реагираат и да се произнесат според ингеренциите.
„Она што почнува да се гради според Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) е нелегално. Постои сомнеж за злоупотреба на службената положба. Постои сомнеж за корупција. Бараме ОЈО да постапи по иницијативата која е поднесена од ДКСК, бидејќи од мај досега немаат никакво известување за јавноста, односно никаков напредок за предметот“, изјави Драгана Велковска од „Зелен хуман град“.
Ако сакаме да спречиме корупција, ако сакаме да спречиме злоупотреба и оштетување на граѓаните во оваа земја, вели таа, не може органите на државата да постапуваат на овој начин и да ги штитат инвеститорите и крупниот капитал, а да работат на штета на скопјани.
View this post on Instagram
„Оваа власт која е на централно ниво, наводно се бореше против ‘Скопје 2014’, но изгледа само за да ни го сервира ‘Скопје 2021’. Ако се спроведе ова што се обидува да се направи спроти ‘Холидеј ин’, овој предел ќе биде најгусто населен регион во светот, таму ќе има енормна зголеменост на максималниот број на жители и ќе има трајно нехумани услови за живот“, потенцираше Велковска.
Побара од Советот на општина Центар да го усвои Елаборатот за суспензија на ДУП-от за градска четврт Ц08, бидејќи вели во него се наведени сите аргументи зошто тој е спротивен на Генералниот урбанистички план.
„Според сите закони за урбанистичко и просторно планирање – таков План не смее да се спроведува“, рече таа.
Јане Димески, од Шанса за Центар, изјави дека граѓаните се борат против висококатници во тој дел, но сè е до институциите, бидејќи целиот проблем е креиран од институциите. Потсети дека Планот е донесен од Општина Центар, поминале 10 години, а општинарите не го смениле и прочистиле. Исто така, Министерството за транспорт и врски го продала земјиштето со што ја овозможила изградбата, додека општината веќе издала и Градежна дозвола.
„Со сето тоа, со сите јасни индикатори дека е пробиен ГУП-от, еве трет градоначалник што не се произнесува за овој план. Затоа бараме институциите да одлучат. Ако е нелегален, овие три институции што го создале проблемот – мора да најдат решение. Ако ОЈО одлучи дека целата постапка е легална – треба да кажат институциите колку луѓе ќе живеат таму? Бидејќи, според Генералниот план таму се предвидени 1250 жители, а според овој План можноста оди и над 10.000 жители на таа парцела! Да кажат дали ќе има инфраструктура за толку жители, дали сите ќе имаат парно, вода, струја, канализација!? Како ќе се одвива сообраќајот, дали тоа ќе придонесе за дополнително загадување на воздухот и како ќе се решава тој сообраќаен метеж!? Институциите го создадоа проблемот, а сега стојат настрана и гледаат како меѓу граѓаните се создава тензија“, потенцира Димески.
Новомаалци контра протестот на „Зелен Хуман Град“ и „Шанса за Центар
Група граѓани кои живеат во околината каде треба да се гради комплексот „Гранд“ уште претходно реагираа на барањата на организаторите, сметајќи дека вршат притисок на институциите како Основното јавно обвинителство, Општина Центар и Државната комисија за спречување корупција.
Во последниот период, новомаалци јавно дадоа поддршка за проектот и се противеа на иницијативите со кои се бараше да престанат градежните активности.
„Сè ова го прават со цел политички да профитираат на грбот на граѓаните, а особено на маката на нас, жителите на Ново Маало, и повторуваме дека нема да дозволиме да потпаднеме под нечии замки“, стои во соопштението кое го испрати групата граѓани.
Истовремено, тие се противат и на идејата за распишување на меѓународен конкурс и порачаа дека веќе проектираното решение од инвеститорот гарантира урбано и зелено домување за сите жители. Дополнително, сметаат дека проектираното решение гарантира и фер обесштетување на сите нив кои, како што велат, со години живеат во тотално нехумани услови за живот.
Од друга страна, Зелен хуман град и Шанса за центар бараат Владата да одвои средства од централниот буџет доколу Општина Центар нема доволно за новомаалци да добијат решение и излез од нехуманите услови.
Мартин Колоски, Бојан Шашевски