[Фото] Деца учеа за роботика, програмирање и кодирање на камп во Охрид

Организацијата „Македонија 2025“ спроведе камп на кој деца од 11 до 15 години учеа вештини по роботика, програмирање и кодирање од 7 до 13 јули во Охрид. Оваа година кампот броеше 21 дете од Македонија, САД, Катар, Италија, Хрватска, Шведска и Малта.

„Кампот за високотехнолошка извонредност е комбинација на традиционална летна забава со можност за учење, заедничко вежбање и споделување на искуства за кодирање и роботика. Преку посветеност и натпревар на идеи, фокус на решавање проблеми, чувство на акција, размислување ‘out-of-the-box’ и соработка, работа во парови или групи, ги охрабрувавме и поттикнувавме учесниците да постигнат мотивирачки резултати и да креираат модели согласно шеми“, велат од организацијата.

Како што тврдат оттаму, специфичноста на овој проект е дадената можност да се запознаат и соберат млади луѓе со македонско потекло и млади од нашата земја, да воспостават долготрајни пријателства и да ја зајакнат и да ја градат својата родна македонска култура, но и чувството за одговорност и враќањето кон заедница.

„Преку подобрување на нивното познавање на јазикот, истражување на природата и културното наследство и доживување на македонската кујна и специјалитети, учесниците добија уникатно искуство кое ќе го паметат целиот живот. Особено бевме среќни што изминативе години успеавме да имаме учесници од САД, Канада, Словенија, Хрватска, Германија, Катар, Австрија, Данска, Кипар и други земји“, појаснуваат од „Македонија 2025“.

Учесниците добиле и сертификати за учество на кампот од страна на претседателката Гордана Силјановска Давкова, за што од организацијата сметаат дека е дополнителен мотив и поттик за младите иноватори.

„Со стекнатите искуства и знаења, вие сте најмладите амбасадори и промотори на Македонија. Ви посакувам секогаш да размислувате позитивно, да продолжите да се надградувате и да се изградите во лидери со самодоверба, но и самокритичност, кои ќе создаваат подобра иднина со употреба на технологијата“, им порачала Давкова на децата.

Сертифицирани партнери на програмата се Академијата за роботи и иновативност „Young Engineers“ и Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии „МАСИТ“ („Brainster“ и „iSourse“).