Околу 3,7 милиони тони отпаден гипс од некогашното работење на Хемиската индустрија Велес (ХИВ) се лоцирани во ридиштата во близина на велешкото село Згрополци. Станува збор за една од жешките еколошки точки во земјава, која е лоцирана покрај стариот пат Велес-Градско, на околу 1,5 километри надвор од некогашната фабрика. Иако е категоризирана како локација со низок ризик по животната средина во „Специјалната студија за загадени индустриски подрачја“ изработена во 2005 година, за оваа депонија со години наназад има мистериозни и спротивставени тврдења од официјалните институции за радиоактивноста на складираниот гипс, пишува Мета.
Депонијата со бела боја е видлива дури и од Гугл Мапс, а настаната е со неколкудецениското работење на ХИВ-Велес, како отпаден материјал од производството на вештачко ѓубриво. Иако во непосредна близина нема куќи и луѓе кои живеат, депонијата не е оградена и секој може слободно да пристапи до неа. За радиактивноста на гипсот во депонијата има пишувано д-р Трајче Стафилов, професор на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, при што во официјалниот документ „Специјална студија за загадени индустриски подрачја“ наведено е дека се простира на површина од 70.000 метри квадратни.
За депонијата со отпаден гипс професорот Стафилов пишува дека имала радиоактивност од околу 700 бекерели по килограм, што е над дозволената граница и треба да се третира како радиоактивен отпад со строги мерки на заштита. Мета.мк ја посети локацијата и се увери дека до неа може слободно да се дојде по земјен пат што се двои од стариот пат Велес-Градско. Не е поставена ограда околу опасниот отпад. Гипсот не се наоѓа покрај самиот пат, но од трагите што ги забележавме на терен може да се каже дека луѓе со автомобили доаѓаат на ова место. На дел од површината каде има расфрлан отпад се никнати дрвја и растенија, но дел од нив се целосно исушени. Локацијата наликува на пустина, а дел од голите гранки на дрвјата потсетуваат дека станува збор за опасен отпад.
Од велешкото еколошко дружтво „Вила Зора“ за Мета.мк потврдуваат дека во близина на ХИВ – Велес се наоѓа поголема количина бела материја, која е настаната од некогашното работење на ХИВ – Велес.
Сепак, главното прашање што се поставува за депонијата е тоа кој е одговорен за санирање на отпадниот гипс, за кој постои опасност дека е радиоактивен. Мета.мк ги контактираше Министерството за животна средина и просторно планирање, Дирекцијата за радијациона сигурност и компанијата „Метрудхем“ во врска со депонијата за отпаден гипс.
Извори кои сакаа да останат анонимни, од компанијата „Метрудхем“ за Мета.мк рекоа дека тие немаат никаква врска со депонијата со отпаден гипс. Таа се наоѓа надвор од кругот на фабриката и отпадот бил создаден во периодот пред нивната компанија да ја купи ХИВ-Велес. Самиот индустриски погон е купен во 2009 година, без притоа приватната компанија да имаат ингеренции за депонијата. Самото создавање на депонијата со отпаден гипс е производ на работењето на фабриката до 2003 година, односно во периодот кога таа била во државна сопственост.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк изјавија дека за сите прашања во врска со депонијата со отпаден гипс е надлежна Дирекцијата за радиојациона сигурност. Од оваа институција пак велат дека последните мерења што ги направила Лабораторијата за радиоекологија при Институтот за јавно здравје покажале дека вредностите на радионуклеидите на депонијата во Згрополци се во границите на дозволените вредности.
„Измерените вредности на идентификуваните радиоактивни елементи со природно потекло во анализираните примероци фосфор гипс се под концентрациите на истите елементи во почвата од локации кои се мониторираат на повеќе локации на територија на Република Северна Македонија“, изјавија за Мета.мк од Дирекцијата за радијациона сигурност.
Измерените вредности покажале ниска содржина на присутни радиоактивни елементи радиум 226 (Ra-226), ториум (Th-232) и радиоактивен изотоп на калиум (K-40), кои имаат долг век (полупериод) на распад.
„Дирекцијата за радијациона сигурност нема никаква надлежност на оваа локација. Отпадот кој е на таа локација се третира како хемиски отпад и надлежност има Министерството за животна средина и просторно планирање“, велат од Дирекцијата за радиојациона сигурност.
И додека институциите си ја префрлаат одговорноста од една на друга, депонијата со отпаден гипс кај Згрополци останува нерешен еколошки проблем. Лоцирана е помеѓу автопатот и стариот пат Велес-Градско, во непосредна близина и на реката Вардар. Бидејќи се наоѓа на рид, останува непознато во која мерка се загадени подземните води и речните води во Вардар од оваа депонија.
Од Дирекцијата за радијациона сигурност објаснуваат дека инспекторите за радијациона сигурност извршиле увид на терен и констатирале дека депонијата не е оградена, а лоцирана е во зона во чија близина нема населено место и нема фреквенција на луѓе.
Сепак, од оваа институција се отворени за соработка, наведувајќи дека тие вршат вонредни инспекциски надзори врз основа на претставки и иницијативи од државните органи, правните и физичките лица.
Медиумските архиви низ годините наназад велат дека постоела иницијатива пред повеќе од една и пол деценија за извоз на отпадниот гипс во Словенија за негова преработка. Словенците измериле дека отпадот од оваа депонија е со висока радиоактивност и го раскинале договорот, по што извозот на отпадниот гипс бил запрен.
Од Дирекцијата за радијациона сигурност објаснуваат дека самите иницирале спроведување на вонредни гамаспектрометриски анализи на гипсот од страна на технички сервис со акредитирана лабараторија за да се констатира содржината и концентрацијата на активност на радионуклидите во гипсот, но за натамошни информации околу начинот на којшто ќе се расчистува отпадот нè упатија до Министерството за животна средина и просторно планирање.
Искуствата од санирањето на другите еколошки точки во земјава покажуваат дека изборот на концесионер за експлоатација на опасните отпадни материи, како што е случајот со троската во Велешката тополница, веќе е применет во земјава. Во случајот со чистењето на линданот од малата депонија во ОХИС беа побарани финансиски средства од странство, по што беше ангажирана компанија што го спроведува чистењето и извозот на отпадот од ОХИС надвор од земјава.
Мета.мк веќе разговараше со Давор Пехчевски од Еко-свест, којшто објасни дека државата ќе мора да најде одржлив економски модел за што побрза ремедијација на жешките еколошки точки. Тој предлага комбинација на чистењето на локациите, како онаа со отпадниот гипс кај велешкото село Згрополци, со енергетската транзиција и изведбата на фотоволтаични електрани или ветерни паркови од страна на концесионерите кои ќе ја добијат обврската за чистење и извоз на опасниот отпад.
„Една од работите што може да е соодветна и може да има повеќекратни придобивки е да се комбинира ремедијацијата со енергетската трансформација. Многу од локациите што се помалку или повеќе контаминирани се соодветни за пренамена на земјиштето во фотоволтаични централи откако ќе се направи ремедијацијата“, изјави пролетва за Мета.мк Давор Пехчевски.
Одговори за еколошките проблеми што ги предизвикува депонијата со отпаден гипс од поранешен ХИВ-Велес побаравме и од Општина Градско, но Мета.мк не доби одговори од општинските власти на чија територија се наоѓа оваа жешка еколошка точка.
Засега останува непознато на кој начин ќе се решава проблемот со депонијата со отпаден гипс кај Згрополци. Во документот од 2005 година, проценето е дека чистењето на оваа локација ќе чини вкупно 700.000 евра, што е многу поевтино од ремедијацијата на другите контаминирани подрачја во земјава. Сепак, од денешна перспектива не е познато колкави финансиски средства ќе бидат неопходни за отстранување на овој отпад кој е лоциран во непосредна близина на реката Вардар и се наоѓа во регион, во кој од самиот увид на терен може да се забележи дека има висока земјоделска активност меѓу населението.
Мапата со 16-те жешки еколошки точки во земјава; Извор: Специјалната студија за загадени индустриски подрачја
Во 2005 година, кога биле дефинирани жешките точки преку „Специјалната студија за загадени индустриски подрачја“, пресметките за ремедијација на сите 16 подрачја во земјава изнесувале приближно 77 милиони евра. Годинешните пресметки на Мета.мк за чистењето на само три еколошки точки, покажуваат дека од денешна перспектива ова би чинело речиси 77 милиони евра. Сето ова укажува на фактот дека и за депонијата кај Згрополци важи правилото дека колку повеќе време изминува, се префрла одговорноста меѓу институциите и не се работи на терен, толку решавањето на ваквите контаминирани подрачја ќе чини драматично повеќе средства во годините што претстојат.