[Фото] Десетици граѓани протестираа пред руската амбасада во Скопје поради нападот на Украина

Додека за Киев се водат борби помеѓу украинската и руската армија и се слушаат сирените за воздушен напад, десетици граѓани протестираа пред Амбасадата на Русија во Скопје каде ја отпеаја украинската химна и повикаа на дипломатско решавање на несогласувањата помеѓу двете држави.

„Да се реши конфликтот на дипломатско ниво. Да се сопре војната и да биде мир. Мир во Украина, мир во Европа, мир на Балканот“, порача Александар Орбанович претседател на Здружението на Украинци во Македонија, кој веќе седум години живее во Скопје, додека дел од неговата фамилија и понатаму е во Украина.

Засега до здружението нема пријавено граѓани кои сакаат да дојдат од Украина, но истакна дека се спремни да понудат помош.

„Сакаме да веруваме во мирен начин на решавање на проблемот“, рече Орбанович.

„Стоп за војната во Украина“, „Путин убива деца“ и „Путин фашист“ беа дел од пораките кои се извикуваа за време на маршот, кој започна од плоштад „Македонија“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, како и премиерот Димитар Ковачевски вчера изразија силна осуда за воените дејствија на Русија. Владата претходно донесе и препорака земјава да се придружи кон сите одлуки на Европската Унија за рестриктивни мерки во поглед на ситуацијата во Украина.

Министерството за надворешни работи на Северна Македонија вчеравечер беше осветлена во боите на украинското знаме. Преку Фејсбук, министерот Бујар Османи посочи дека со ваквиот гест праќаат силна поддршка и солидарност со Украина и украинскиот народ.

Зградата на Министерството за надворешни работи вчера беше осветлена во боите на украинското знаме

„Нашите народи се добро познати по подавањето рака на оние на кои таа им е потребна, нешто што е запишано и во историјата. Ние ќе вложиме напори да запрат вашите страдања“, напиша Османи.

Анти-воени протести ширум светот по рускиот напад врз Украина – во Москва уапсени над 1.800 демонстранти

Мартин Колоски