Разнобојни детски играчки и пароли денеска беа закачени на оградата на Владата. На железната ограда заврши и пречкртан лик на јавниот обвинител Љубомир Јовески, откако граѓани го исполнија просторот на „Илинденска“ и со симболични гестови искажаа револт против судската постапка за случајот со 4-годишниот Алмир Алиу, за кој делото беше преквалификувано од „убиство“ во „сообраќајна несреќа со смртни последици“.
Ова беше досега најмасовен протест на поддржувачите на иницијативата „Правда за Алмир“. Владата ја обиколија граѓани од сите генерации.
Насекаде луѓе со пароли „Нема правда, нема мир“, „Отиде Зврлевски, дојде Јовески“ или „Слепа правда“.
Мајки дојдоа со своите деца, а во рацете држеа мики мауси, суперхерои, кукли, пластични колички… Низ толпата, во рацете на луѓето ѕиркаа и парчиња облека, или некој детски предмет. Кој што земал од дома.
Имаше и по некое албанско знаме. Се вивнаа во воздух и колоритни балони. Сепак, доминираа испринтани пароли со „среден прст“.
„Срамно, пред наши очи, органите на правдата убиството на 4-годишниот Алмир го преквалификуваа во престап во сообраќајот. Овде сме да кажеме дека нема да го дозволиме тоа. Правда за Алмир мора да има. Бобан Илиќ изврши убиство. Обвинението треба да гласи според доказите, а не според нечии наметнати пристрасни гледишта и интереси. Случајот за Алмир ќе биде правично и праведно воден единствено доколку судската постапка започне одново и истата ја водат стручни, непристрани и некорумпирани обвинители и судии. И тоа надвор од Куманово“, рекоа од иницијативата „Правда за Алмир“.
Најавија кривични пријави против јавната обвинителка Сузана Кусигерска, поради, како што рекоа, злоупотреба на должност, бројни пропусти во постапката и намерно неизнесување на факти и сведоштва.
Исто така, меѓу другите, разрешување и на колегиумот на Јавното обвинителство и Јавниот обвинител на РМ, Љубомир Јовески.
„Бараме одговорност и од Владата на РМ и премиерот Зоран Заев. Не само што не ги реализираа реформите во судството, туку дозволија правдата да ја делат истите корумпирани, непрофесионални обвинители и судии кои го убија Алмир повторно. Бараме правда за Алмир. Нема правда – нема мир“, рекоа од иницијативата.
На протестот зборуваше и мајката на Алмир. Нејзиниот син нема да се врати, рече таа, но сепак „вашите деца треба да живеат во слобода“.
„На Алмир му се прекина животот уште пред да наполни четири години. Мојот Алмир не знаеше да прави етнички поделби. Тој мечтаеше да игра со пријателите и да учи. Но, нажалост еден криминалец со умисла сето ова го прекина. Ние се боревме за албанскиот јазик, ќе се бориме и за правдата која недостасува на Албанците. Затоа што нашите деца не успеваат да го уживаат својот јазик, затоа што ги убиваат и претвораат во сообраќајни несреќи“, рече мајката на Алмир.
Инаку, вчера министерот за правда Билен Саљији поднесе оставка од функцијата образложувајќи дека тоа го прави поради разнишаната доверба во судството кај јавноста, и кај него лично, по одлуката за преквалификување на обвинението во случајот. Саљији одлуката на Јавното обвинителство ја нарече контраверзна и посочи дека веќе била оспорена од четирите јавни обвинители кои јавно го изразија своето негодување со одлуката.
Државниот јавен обвинител Јовески, во интервју за „Макфакс“ изјави дека на негово барање се сретнал со родителите на четиригодишното дете од Куманово. Според него, се видел да им каже дека нема никаква заднина во преквалификацијата на предметот. Тој изјави дека случајот нема етничка позадина, правдата ќе биде задоволена, а правото мора да владее.
Премиерот Заев вчера изјави дека нема да се вмешуваат во судските процеси во време кога се спроведуваат сериозни реформи во судството. Сепак, додаде дека го следат случајот и нема да дозволат прекршување на законите.
Бојан Шашевски