Локалниот огранок на Fridays For Future во Скопје, денеска во близина на Град Скопје, направија герила акција со „die-in“, форма на протест, во која учесниците глумат дека се мртви, во знак на протест поради игнорирањето на повиците за мерки против климатските промени.
Од иницијативата велат дека на сликовит начин покажуваат каква е иднината на младите, во, како што велат, држава погодена од климатскиот колапс.
Истовремено, активистите на иницијативата имаа поставено штанд на кој граѓаните можеа да се потпишат за поддршка на нивните барања: итно прогласување на климатска вонредна состојба, формирање на специјално национално тело – комисија за борба против климатските промени, отворање јавна дебата околу проекциите за затворање на постоечките електрани на јаглен, и создавање на нацрт план за транзиција од електраните на јаглен кон извори на обновлива енергија.
Меѓу останатите барања се и изработка на план за намалување на користењето автомобили во транспортот и воведување на климатската проблематика во школскиот курикулум во основното и средното образование.
Инаку, почнувајќи од 20 септември, од иницијативата ја најавуваат „недела за иднината“, во која ќе организираат повеќе настани и активности.