[Фото] Доротеј Нешовски: Секоја работа надвор од уметноста е губење време

„Името на книгата е визуелен извик-порака која се однесува токму на уметниците за работите и одговорностите кои ги имаме во едно општество за делување и менување-истражување и подигнување на свеста во борбата против спрегите и подготвеноста на умот и негово чувство за слобода. Името има за цел повикување за истражување и акција за нови алтернативни иновации и живеења. За мене секоја работа надвор од уметноста е безсмислена“.

Вака Доротеј Нешовски го објаснува името на „Anything outside of art is a waste of time” (Секоја работа надвор од уметноста е губење време). Се работи за уметничка книга која деновиве ја промовираше во КСП Центар-Јадро, каде публиката имаше можност да види и негова просторна инсталација, специјално направена за ова прилика.

Нешовски е интердисциплинарен уметник. Се занимава со концепти за креативна спонтаност, ликовнa артикулација, социјална инклузија, педагогија и апстрахирање на релацијата галерија-публика-уметник.

Тој по годиште (1989) можеби се води како млад уметник, но уметничката заедница веќе е добро упатена со неговите дела. И воопшто неговите заложби. Го препознава и како еден од основачите и членови на „SEE“, по проектите произлезени од оваа група. Или како уметникот кој активно организира детски работилници. Или по другата книга од 2017 година – „Уметноста не е тоа што сакате“.

Сега, за своето ново дело, вели дека цртежите се дел од стејтментот на личноста, низ форми на медиум во кои се гради структурата на неговиот визуелен јазик, преку кој се обидува да ги разоткрие противречностите на современото општество:

„Индустриско друштво, поставените норми и комуникации, јас постапувам во овие дела преку експресивни мисли од еден минат период кои се ефермерни. Барање на можности за уметничка комуникација и можностите за делување на млад уметник со воочување на светот во кои живееме и наоѓање на улогата во него и неговите системи затоа се менуваме и учиме да живееме, со нашите за нас ‘големи идеи’“, вели тој за Радио МОФ.

Поголемиот дел од циклусот цртежи, претставени во книгата, ги создавал додека работел на штанд на Лотарија во еден скопски шопинг мол.

„Работата беше егзистенционална и спуштање на мислите од тој уметнички светоглед и враќање на комуникација со ‘обичните луѓе’ и нивното живеење на просечната мисла и комуникација, враќајќи се на почеток со цел преиспитувајќи себеси и личната отуѓеност од тој свет, па и оттаму пак се враќаш на истите мисли дека ‘секоја работа надвор од уметноста е губење на време’. Па оттаму доаѓаат изјавите ‘Луѓето се плашат од уметност!’ Дали кога разговараме со себеси разговараме со црната дупка. Плаќаш за да живееш. Уметноста е лотарија никој ништо не добива. Надвор од стварноста на уметничкиот и неговиот морален статус. Мижењето е добра прилика да се биде на друго место. Дали уметноста е храна или болка? Во делата сакав да ја прикажам, истражам потрагата за алгоритам среќа-надеж-комуникација. Секако во тој цел процес имав прилика импулсивно да ги крокирам нештата кои ме опкружуваа“, објаснува Нешовски.

Со овие дела, тој во голема мера сака да размислува и да рефлектира кон позицијата на уметникот во општеството.

Па, оттука, на прашањето каде се уметниците во целата приказна, нивниот статус и вреднувањето, ако се земе предвид бенефитот што го носат за цела заедница, тој вели:

„На уметнициите треба да им се овозможат простории за работа да ги задоволат своите внатрешни пориви од ликовното и општествениот јазик, па така и на околината. Потребни се културни политики и стратегии неселективни наменети за младите уметници за почеток на нивните фази во творештво и создавање на тие етаблирани уметници во светската мапа. Имаме подобрувања во нови културни простории и нови географски зони, но хонорарите се на работ на продукциските трошоци“, констатира тој.

Бојан Шашевски