Дворот на Здружението „Комбо“ во скопска Железара вчера беше место на заедничарење. Ем сонце, ем тезги со предмети и облека од втора рака, ем нови и стари пријателства и афирмација на заедницата.
„’Маалски бувљак’ нè предизвика да ги реобмислиме нашите навики кон стари предмети: дали можат повторно да се користат, реставрираат и повторно да се користат, наместо веднаш да ги фрлиме и да ги замениме со нови. Присутните имаа можност да истражат и да купат различни предмети, вклучувајќи антиквитети, накит, облека, уметнички дела, книги… сите барајќи нови домови. Оваа маалска дружба и размена на енергија во населба Железара може да прерасне во традиција. Ваквите иницијативи даваат приоритет на еколошкото размислување и културното збогатување, поттикнувајќи го претприемништвото во локалните заедници!“, велат од Јуроп Хаус, кои заедно со девојките од „Комбо“ организираа Маалски бувљак.
„Не постојат зборови со кои би се опишала убавата енергија и чувството на заедништво кое се ширеше вчера. Ви благодарам на сите кои нѐ посетивте, изложувавте, купивте… Се гледаме на следниот бувљак“, дополнија од „Комбо“.