Дваесетина волонтери од неколку европски земји и Северна Македонија денеска имаа заедничка еко-акција на која собраа 17 полни вреќи со отпад од видиковец на патот кон Велестово.
Организатори на акцијата беа Волонтерски центар Скопје и Чист Охрид.
„Пластични шишиња, влажни марамици, презервативи се некои од работите кои доминираа на овој простор кој моментално е исчистен благодарение на странските и волонтерите од земјава“, се вели во соопштението за акцијата.
Сепак, од Чист Охрид алармираат дека во околината на видиковецот забележале и кабаст, но и отпад затрупан во грмушки и обрасната трева, кој не биле во можност да го соберат. Истакнуваат дека за него се потребни поголеми напори, алатки или механизација за да се доведе местото во ред.
„Упатуваме порака до посетителите, а особено до младите да го собираат и да го носат своето ѓубрето со себе до најблискиот контејнер. Ужасна е помислата со ѓубре да се уништува едно од поубавите места во градот, односно погледот кој го нуди видиковецот кон градот и неговите убавини“, апелираат од Чист Охрид.
Оттаму ги повикаа граѓаните да се грижат за животната средина, да организираат индивидуални акции за чистење ѓубре и да се приклучуваат на нивните повици, со цел како што велат „да ја чуваме животната средина и сите заедно да придонесеме за чист Охрид“.